Првиот воз на сончева енергија ќе сообраќа во Австралија

58

sus

Фото: Byron Bay

Австралиската компанија Byron Bay Railroad повторно ќе пушти во употреба стара патека со обновен стар воз којшто ќе се движи на сончева енергија, пишува Treehugger. Ова воедно ќе биде и прв воз во светот целосно напојуван од сончевите зраци.

Компанијата оспособи патека долга три километри како и мост помеѓу градот Бајрон Беј и ресортот Elements of Byron Bay. Исто така,  инсталирани се и сончеви панели со јачина од 30 kW, систем за складирање на батерии и станица за полнење.

Сончевиот воз има флексибилни сончеви панели на крововите од вагоните чија јачина изнесува 6,5 kW. Возот може да пренесува до 100 патници одеднаш, а вклучува и батерија со јачина од 77 kWh, којашто ќе се полни на секое тргнување. Според компанијата, батеријата има ист капацитет како таа во автомобилите Model S на Тесла.

Оригиналните вагони датираат од 1949 година, а беа реконструирани од страна на Lithgow Railway Workshop. Возот целосно го придвижува сончева енергија, почнувајќи од влечната моќ и осветлувањето, па сè до воздушните компресори и контролните системи. Возилото го има задржано едниот од двата оригинални дизел мотори за итни ситуации доколку откаже електричниот систем.