Француска компанија ја доби концесијата за белградскиот аеродром Никола Тесла

20

tesla1

Фото: Beg.aero

Француската компанија Vinci Airports го доби тендерот за 25-годишна концесија на белградскиот аеродром Никола Тесла. Компанијата во буџетот на Србија треба да уплати 501 милиони евра, а го  купуваат аеродромот без загуби и кредити.

Трансакцијата се очекува да биде финализирана во првиот квартал од годинава, веднаш по усвојување на годишниот извештај за работење на аеродромот, пишува РТС.

Vinci Airports, основана во 1996 година, на аеродромите во Франција, Португалија, Доминиканска Република, Камбоџа и Бразил вработува 11.000 луѓе и има добивка од 2,7 милијарди евра годишно.

Извршниот директор на Vinci Airports, Николас Нотберт вели дека аеродромот Никола Тесла ќе биде нивно седиште во централна и источна Европа, регион во којшто досега не работеле.

Договорот за концесија предвидува дека владата на Србија ќе добие 501 милион евра од кои 417 милиони евра ќе одат како буџетски приходи, додека малите акционери ќе добијат 84 милиони евра. Нема да има отпуштања на аеродромот, а во наредните три години нема да има зголемување на аеродромските такси.

Vinci Airports се обврзува во наредните 25 години да инвестира 732 милиони евра во инфраструктура и да го зголеми капацитетот од сегашните 7,5 милиони на 15 милиони патници.