Јасна визија и добар бизнис – план за успешно претприемништво

70

mainbizpic900_1359091cПораката на денешната конференција Бидете жена бизнис – лидер – секогаш чекор пред другите и издвојте се со храбри претприемнички вештини и потфати, е дека нема разлика меѓу маж и жена кога станува збор за претприемништвото. Постои само јасна визија, добар бизнис – план, упорност и професионалност.

На конференцијата, што се одржа во Стопанската комора по повод 16 април – Денот на девојките, стана збор дека во Македонија нема многу жени претприемачи, но и оние малку оставиле печат во стопанството пред се преку иновативни проекти.

“Се помалку се и жените на управувачка функција, но како превентивна мерка, секоја компанија што има криза во менаџирањето треба да постави жена на раководна функција. Во време на криза жените носат полни одлуки и спроведуваат подобри методи”, изјави Снежана Јовановска Трајковска, сопственичка на туристичката агенција Орфеј.

Учесниците на конференцијата имаа можност да слушнат и за тезата дека припадничките на различни етнички заедници, урбана или рурална средина, веќе ги кршат стереотипите за дискриминација од кој било вид, вклучувајќи го и претприемништвото.

“Ако некоја жена има претприемачки дух, независно од каде потекнува и од каде доаѓа, дали живее во село или во град, припаѓа на една или друга заедница, може да успее”, посочи Гзиме Фејзи, сопственик на Чезарина од Гостивар.

Таа посочи дека кога го почнувала бизнисот не била сериозно сфаќана од деловните партнери, тие повеќе очекувале нејзиниот сопруг да приговара со нив. Но, сега е сосема поинаку.

“Не сум видела предности, ниту проблеми откако го водам бизнисот. Ако си професионален, упорен и скромен, сигурно ќе успееше”, напомена Ирена Јакимовска, сопственик на Комфи – Ангел од Прилеп.

Како значајни елементи за претприемништвото беа нагласени и уметноста на зборувањето, како и мултикултурните манири што се особено битни за успех на меѓународната сцена.