Maкедонија произведува најквалитетна Кока Кола во светот

104

coca_cola_4Пивара Скопје АД по втор пат доби највисоко признание за квалитет на пијалоците што ги произведува од страна на компанијата Кока-Кола.

Првото место за квалитет на произведените пијалаци во 2012 година, Пивара го доби во конкуренција на пијалаци произведени во повеќе од 600 полнилници во над 200 фабрики на Кока-Кола ширум светот. Компанијата го доби истото и во 2008 година.

“Квалитетот е наш највисок приоритет, затоа што знаеме дека тој е важен за потрошувачите во над 200 земји ширум светот каде се присутни нашите производи. Љубителите на Кока-Кола во Македонија можат да се гордеат дека токму овде, во Пивара Скопје, се произведуваат пијалаци со највисок квалитет во светот”, изјави Шон Лејтон, директор за квалитет на Кока-Кола во Централна и Југоисточна Европа.

Лејтон посочи дека Пивара Скопје АД има освоени највисоки 100 поени за секој месец од минатата година. Признанието за најдобар квалитет го добива само оној производител кој ќе добие највисоки оценки за квалитетот на пијалаците во текот на сите 12 месеци од календарската година.

Генералниот директор на Пивара Скопје АД, Јаак Микел истакна дека наградата е резултат на континуираното инвестирање, максимално залагање и тимска работа на сите вработени.

“Пивара Скопје АД, денеска е на врвот на светот, а таму сме бидејќи ние во оваа фабрика овде ја произведуваме најдобрата Кока-Кола во светот. Тоа е голема гордост за нас, но верувам и за Македонија”, рече Микел.

Билјана Смиљковска, менаџер за производство на безалкохолни пијалаци во Пивара Скопје АД посочи дека можеби е случајност да се биде прв во светот еднаш, но не и да се биде по втор пат.

“Во производството на пијалаци во Пивара Скопје АД се почитуваат и применуваат сите домашни и меѓународни стандарди, вклучувајќи ги и оние на Кока-Кола компанијата кои во некои сегменти се дури и построги. Дополнително, во нашата компанија важи правилото дека сè што правите мора да биде совршено. Тоа особено важи за квалитетот на производите кој се контролира и одржува на највисоко ниво сè додека тие не стигнат до крајниот потрошувач”, потенцира Смиљковска.

Контролата на квалитетот се прави врз примероци од пијалаци земени од продажни места по случаен избор.