Збор што би ја опишал нашата фирма и тимот што стои позади неа е ХУЛАХОПКИ со 21% еластин (ликра) – флексибилни, а сепак цврсти, квалитетни и издржливи.
БИ: Л-Д е фамилијарен бизнис. Како дојдовте до идеја да започнете со производство на хулахопки?
Л-Д Колант е основана во август 1992 година, од моите родители. Мојата мајка, дипломиран инженер технолог (текстилна насока) со долгогодишно искуство во текстилната индустрија и хемиско боење на конец, при посетувањето на обуки во европските земји одблизу се запознала со самиот процес на производство и боењето на хулахопки. Воодушевена од самиот производ, технологијата и процесот за производство на хулахопки (производ кој е нежен и кревок, а сепак цврст и издржлив), добила желба да биде првата жена што ќе ја исплете првата хулахопка произведена во Македонија. Па така, по направено истражување на пазарот и набавка на првите машини, беше отворен првиот производствен погон во склоп на семејната куќа во Струмица и на 17 декември 1992 беше исплетена првата хулахопка од домашно производство.
БИ: Со кои предизвици се соочувавте при основањето, а со кои денес?
Предизвици има секогаш, за нас самиот почеток беше предизвик. Ако се сеќавате во 1992 нашата држава се наоѓаше во доста неповолна состојба (ембарго, отежнат транспорт, банкарски и правен систем во изградба, непостоење на платен промет, војна во соседните земји, итн.). Воедно, имаше недостиг на финансиски средства поради несигурен банкарски систем и непостоењето на систем за финансирање на мали претпријатија и претприемачи, но и бариери при набавка на опрема од европски земји со дефинирани регулативи. Од друга страна, поставувањето на производствениот процес беше предизвик сам за себе. Поставување и имплементирање на оперативен и функционален производствен систем; осмислување на производите и производство на првите хулахопки (плетење, кроење, шиење, фарбање); дефинирање на изгледот на пакувањата, типот на рекламирање, продажните места итн. беа едни од предизвиците. Сепак, како најголем предизвик во далечната 1992 година беше пласирањето и афирмацијата на непознат производ со македонско потекло (тешкотиите при докажувањето дека производот навистина е произведен во Македонија, тешкотиите при надминување на југословенските брендовите што во тоа време се пласираа на нашиот пазар).
Како што споменав, кога почнавме со производство, предизвик ни беше да ги убедиме луѓето кои немаа доверба во македонските производи дека и македонското е добро. Сега сме веќе докажани по квалитет, но константо тежнееме кон подобрување и усовршување на нашите производи.
Во моментов најголем предизвик ни е корпоративното ребрендирање, воведувањето на новиот бренд и лого, новите пакувања, веб страница (http://www.ladama.mk), проширување на нашата производствена линија и излегувањето надвор од домашниот пазар.
БИ: Како тече процесот на производство на хулахопки?
Во претпријатието потполно се усвоени технологијата и процесот за производство на хулахопки и чорапи и нашата компанија постојано тежнее кон развој, производство на производи со висок квалитет согласно европските стандарди.
Сите хулахопки од нашето портфолио се изработени од полиамидно влакно, бел конец тенок како пајажина согласно чија дебелина се одредува провидноста или непровидноста на хулахопките и еластанско влакно (ликра), со кое се одредува еластичноста на хулахопките.
Процесот на производство отпочнува со плетење на ногавиците одвоено. Плетењето на ногавиците се прави со специјални кружно плетечки машини кои имаат околу 360 игли. Со програмирање на машините се одредува мешањето на конците со различна дебелина и начинот на плетење т.е. самата плетка. Потоа хулахопките се кројат. Откога ќе се исечат ногавиците на хулахопките, тие се спојуваат т.е. се шијат, потоа се фарбаат, па следи сушење, топло пресување на специјални преси (пегли) и на крај се пакуваат во соодветното пакување.
БИ: Колку видови различни производи имате?
За почеток би сакала да спомнам дека сите наши производи се прилагодени според телесната структура на македонската жена. До моментов, нашето портфолио се состои од 17 производи и тоа женски и детски хулахопки, доколенки, кратки чорапчиња и надколенки кои што се изработуваат од различни материјали, во различни дебелини и со различна еластичност.
Работиме класични еднобојни хулахопки со клот плетка. Сепак се трудиме да одговориме на барањата на пазарот и да ги следиме модните трендови со тоа што пласираме производи согласно боите што се во тренд.
Воедно, во можност сме да ги адаптираме производите на барањата на пооделни клиенти за специјални прилики, како на пример за маскенбали / карневали / промотивни активности, подготовка на корпоративни подароци, за потребите на различни институции, итн.
БИ: Каде се може да се најдат производите на Л-Д Колант ДОО?
Нашите производи се пласираат на повеќе од 600 продажни места низ Републиката. Како главни продажни места се националните ланци на супермаркети, локалните супермаркети, минимаркети, бутици, специјализирани продавници за чорапи/интимна облека, итн.
Планираме и проширување на пазарот надвор од Македонија. Засега работиме со Албанија и Бугарија и се надеваме дека во блиска иднина ќе се прошириме во Косово. Сакаме најпрво да започнеме со пазарот кој ни е поблиску. Постојат варијанти да се шириме и во Грција и Србија, меѓутоа за тоа понатаму.
БИ: Како се справувате со ривалството?
Како што веќе спомнав, ние произведуваме производ направен согласно македонската жена. Нашите производи се со константен квалитет, можат да одговорат на потребите на голем дијапазон на жени и нудат чуство на „вредност за пари“ кај нашите потрошувачки.
Цврсто веруваме дека подобра реклама од типот „од уста на уста“ не постои.
Затоа, практикуваме редовно да одржуваме директна комуникација со потрошувачките со цел да ги осознаеме нивните барања, задоволства / незадоволства од нашите производи. Сугестиите од нашите потрошувачи константно ги подобруваат нашите производи и доведуваат до зголемување на нивното задоволство.
БИ: Кои се клучните карактеристики што Ве одржуваат во бизнис?
Збор што би ја опишал нашата фирма и тимот што стои позади неа е ХУЛАХОПКИ со 21% еластин (ликра) – флексибилни, а сепак цврсти, квалитетни и издржливи. Правиме бебешки чекори (мали, но сигурни). Никогаш не се откажуваме од целта и доследни сме на зацртаните планови. Упорноста и истрајноста се наши сојузници. А иновативноста и тежнеењето кон квалитет наместо квантитет ни се врежани од самото основање на комапнијата.
БИ: Што можеме наскоро да очекуваме од Л-Д Колант?
Во моментов сме во процес на корпоративно ребрендирање, односно лансирање на ново име за нашиот бренд и лого, како и комплетен редизајн на нашите пакувања. Во меѓувреме работиме и на подобрување на постоечките производи како и воведување на нови производи. Освен редизајн на постоечките пакувања, воведувањето на нови производи, ќе направиме и поделба на производите на линии т.е. истите ќе субкатегоризираме со самото ребрендирање. Сакаме да ја подобриме перцепцијата за нашите производи и да излеземе надвор на домашниот пазар, па токму затоа решивме да се ребрендираме.
Ако забележувате новото лого за нашиот нов бренд La Dama е направено во форма на цвет од ружа во кој се состои профил на жена како симболично би ја означиле нежноста, но во исто време и јачината на една жена.
Новиот бренд La Dama треба да биде лансиран на пазарот во брзо време, додека новите производи ќе бидат лансирани на почетокот на новата модна сезона 2013/2014.