Малите парцели клучен проблем на македонскиот аграр

44

+-¦-+-ÿ-¦21-470x272Еден од главните проблеми на македонскиот аграр и понатаму е фрагментацијата на земјоделското земјиште. Ситните парцели ги намалуваат продуктивноста и ефикасноста, а ги зголемуваат трошоците што се одразува врз крајните приходи на производителите, како и на конкурентноста.

Ова беше заклучокот од денешната  Регионална работилница за развој на пазарот на земјиште и земјишна консолидација во земјите од ЕУ.

“Фрагментацијата на земјиштето и малиот обем на земјоделските стопанства се главните фактори што го спречуваат подобрувањето на конкурентноста на пазарот. Имајќи предвид  дека во Македонија како и во поголемиот дел од Централната и Источна Европа, проблемите што произлегуваат од расцепканоста на земјоделските површини и од малите фарми го отежнуваат развојот на земјоделството и руралните средини. По распределбата на секое парче државно земјоделско земјиште, сега, поголемиот дел од активностите се насочени кон консолидација, односно окрупнување на површините”, рече ресорниот министер Љупчо Димовски кој ја отвори работилницата.

Димовски очекува консолидацијата да придонесе за обновување на руралните општини, за поголем економски развој и заштита и подобрување на управувањето со природните ресурси.

Просечната големина на земјоделски стопанства во Македонија од 2,5 до 2,8 хектари, и на катастарските парцели од 0,3 до 0,5 хектари се далеку под големината на парцелите на земјоделското земјиште во ЕУ. Околу 40% од приватните стопанства се помали бизниси и имаат земјоделско земјиште помало од  2  хектара.