Вредноста на инвестициите од ЕУ во странство се намали за 2,3 проценти

Вредноста на странските директни инвестиции на Европската Унија (ЕУ) во земјите надвор од Унијата изнесуваше 9.479 милијарди евра на крајот од 2025 година, што претставува пад од 2,3 проценти во споредба со претходната година, според податоците на Евростат.

Според податоците на Европската статистичка служба, вредноста на тие инвестиции на крајот од 2024 година изнесуваше 9.701 милијарди евра, што значи дека во текот на минатата година е намалена за 222 милијарди евра.

Во исто време, вредноста на директните инвестиции од странски инвеститори во ЕУ се намали за 2,8 проценти, од 7.186 милијарди евра во 2024 година на 6.988 милијарди евра во 2025 година.

Евростат наведува дека вредноста на странските директни инвестиции во ЕУ се намалува од 2022 година, кога достигна 7.878 милијарди евра, што беше највисоко ниво од 2013 година.

САД е најголемиот инвестициски партнер
Соединетите Американски Држави останаа најважната дестинација на европските директни инвестиции. На крајот од 2025 година, американскиот пазар учествуваше со 29,4 проценти од вкупната вредност на инвестициите на ЕУ во странство, односно 2.791 милијарди евра.

Обединетото Кралство е на второ место, со 1.877 милијарди евра или 19,8 проценти, додека Швајцарија е трета со 812 милијарди евра, или 8,6 проценти од вкупните инвестиции.

По нив следуваат Бразил со 310 милијарди евра и Канада со 246 милијарди евра.

Во исто време, САД се најголемиот странски инвеститор во Европската Унија, со инвестиции во вредност од 2.075 милијарди евра, што претставува 29,7 проценти од вкупната вредност на директните инвестиции од земји надвор од ЕУ.

Зад САД се Обединетото Кралство со 1.262 милијарди евра, Швајцарија со 602 милијарди, Кајманските Острови со 323 милијарди и Јапонија со 249 милијарди евра.

Евростат, исто така, ја истакнува важноста на компаниите со посебна намена, кои често се користат за меѓународни инвестиции и управување со капитал. На крајот на 2025 година, тие учествуваа со 26,2 проценти од вредноста на директните инвестиции на ЕУ во странство и 33,3 проценти од странските директни инвестиции во Унијата.

Објавените податоци се однесуваат на вкупната состојба на акумулираните директни инвестиции, а не на вредноста на новите инвестиции во текот на годината. Евростат забележува дека податоците може последователно да се ревидираат.