Фото: Pixabay
Познатата кинеска компанија за производство на автомобилски гуми Linglong планира да инвестира во Србија неверојатни 400 милиони евра, дознава Novosti.rs.
Реализацијата ќе значи најголема странска инвестиција во српската индустрија. Србија има најголеми шанси од вкупно четири држави што се во игра на инвестициските планови на Linglong. Станува збор за компанија, светски гигант за производство на гуми, којашто неколку години бара соодветен европски пазар за инвестирање. Планот на компанијата е годишно да произведува 10 милиони патнички гуми, 2 милиони теретни гуми и 10.000 гуми за теренски возила.
Инаку во Србија во моментов во секторот за производство на гуми функционираат 362 претпријатија, коишто бележат суфицит во надворешната трговска размена. Индустријата на гуми и пластика придонесува со 1,2% во бруто домашното производство на Србија. Српските производители на пневматици извезуваат на пазарите во Франција и Велика Британија, но и покрај тоа произведуваат далеку помалку од главните конкуренти од Чешка, Полска, Унгарија, Романија и Словачка.