Прв пад на добивката на Apple во последните 10 години

40

appleApple вчера соопшти дека приходите во првиот квартал за оваа година изнесуваат 43,6 милијарди долари, со што ги изненади аналитичарите кои очекуваа 42,3 милијарди. Но, добивката на компанијата паднала на 9,5 милијарди долари или 10,09 по акција, во споредба со 11,6 милијарди или 12,30 долари по акција во истиот период лани, што е прв пад на заработката во последните 10 години.

И покрај падот на добивката, цената на акциите на Apple вчера скокна за скоро 5%, по што извршниот директор Тим Кук најави дека до 2015 година компанијата ќе им подели на акционерите 100 од вкупно 145 милијарди долари готовина преку покачување на дивидендата за 15% и проширување на програмата за откуп на акции на 60 милијарди долари. Во иднина акционерите ќе добиваат годишна дивиденда од 12,20 долари по акција, со што Apple ќе стане една од компаниите со највисока дивиденда во светот.

Во овој квартал Apple очекува приходи меѓу 33,5 и 35,5 милијарди долари, додека аналитичарите предвидуваат околу 38 милијарди.