Милениумци на работа

79

Работата и работните навики еволуираат со секоја нова генeрација.
Милениумците не се поинакви.
Тие припаѓаат на генерацијата родена помеѓу 1980 и 2000 година, моментално најбројната движечка сила во секоја компанија.
Од таму произлегува потребата на менаџерите за постојано пронаоѓање на различни идеи и стратегии за мотивирање и за разбирање на работните навики на оваа важна група вработени.

Често се споменуваат како дигитална, креативна, комуникативна, амбициозна генерација, која во текот на работата ја вреднува тимската работа, желбата за внимание, постојана повратна информација и лојалноста од страна на колегите.

Милениумците се многу флексибилни и можат да ги издржат секојдневните притисоци на модерното работно место. Тие се познати како најприспособливата и амбициозна генерација.
Тие се мултитаскери и светските анализи покажуваат дека 35% од нив, во светот, почнале некоја друга работа освен првичното вработување како би можеле да заработат дополнителни средства.

Мотивацијата, главно, ја добиваат од флексибилното работно време, можното унапредување на подобра позиција во иднина и  завршување на работните обврски без да бидат врзани за работното биро.

Подолу неколку практики за мотивирање на милениумците:

  • Признанија – Милениумците навистина сакаат признанија. Признанијата на секојдневно ниво не се реални, но признанија за завршената работа на месечно ниво или после некои важни работни обврски кои се од големо значење за нив и компанијата се позитивна работа.
  • Бидете специфични во работните задачи – Објаснете ги во детали работните задачи, работните обврски и очекувањата од нив.
    Нема полош одговор од  “затоа што ние тука работиме така“ кога некој се труди да ја разбере причината како некој систем функционира и како да го даде својот придонес.
  • Работа и учење – Милениумците ќе останат на работното место сè додека можат да научат нешто ново. Во моментот кога работата ќе стане рутина, тие бараат излез од тоа опкружување. Потрудете се да добиваат различни обврски кои нема да им здосадат, испратете ги на конференција или на семинар, со тоа ќе поттикнете учење на нови работи, “полнење на батериите“, а со тоа нивно секојдневно залагање за целите на компанијата. Па така, работата повторно станува важна.
  • Флексибилно работно време –  Балансот помеѓу работата и слободното време им е на прво место и затоа преферираат флексибилност. Работата за нив е задача која треба да се заврши, а не место каде што треба да се оди, па така работат во кое било време од денот и од ноќта.Потрудете се да им овозможите флексибилно работно време во можностите на работата на компанијата. Поставувајте конкретни рокови за извршување на задачите и со тоа оставете им простор за работа од дома.
  • Поврзување (networking) – Како едни од главните карактеристики на милениумците се динамичниот начин на живот, способноста за електрoнско комуницирање со светот и љубопитноста. Имајки го тоа во предвид, компанијата може да ги валоризира милениумците со тоа што ќе ги постави на позиција каде што секојдневно можат да ги користат нивните квалитети за поврзување (networking).

Со успех во промените,