Турција ги ограничува кредитите и плаќањата со кредитни картички

21

Турција воведе нови регулативни мерки со коишто ќе се ограничат купувањата со кредитни картички и заемите во земјата. Според нив рокот за плаќање на рати, на купени стоки и услуги со кредитни картички, не смее да надмине 12 месеци, пишува Hurriyet.

За плаќање на електронски апарати рокот се ограничува на три месеци, за компјутери, патувања, логистика и сместување рокот ќе биде шест месеци, додека за здравство, социјални услуги и даноци рокот за исплата на рати со кредитна картичка ќе биде девет месеци.

Според воведените регулативи, купувања на телекомуникациски услуги, алкохол, козметика, храна, гориво, накит, канцелариска опрема, подароци и трошоци во странство нема да можат да се поделат на рати.

Кредитите за возила се ограничуваат на 48 месеци, потрошувачките кредити на 36 месеци, додека заемите за компјутери и мобилни телефони на 6 месеци.

Новите регулативи стапуваат на сила на први септември и ќе бидат спроведени од страна на турската Агенција за регулатива и надзор на банките (BDDK). Нивната цел ќе биде да се поттикне рационално трошење на парите и заемите.