Македонски Телеком го изведе првото 5G демо во Македонија

79

Македонски Телеком го реализираше првото 5G демо во земјата, со што направи уште еден чекор кон воведувањето на оваа технологија во Македонија, која ќе овозможи технолошки напредок на општеството и многу нови функционалности за корисниците.

За прв пат во регионот, измерена е брзина преку мобилната мрежа,која е за над четири пати поголема од брзините на пренос на податоци на 4G мрежата.

“Овој нов технолошки стандард ќе го смени не само начинот на кој комуницираме туку и начинот на кој живееме. Денес, покажавме дека одиме во чекор со европските земји, ги поставивме основите, ја демонстриравме неверојатната брзина на 5G. Но ова е само почеток, ќе продолжиме да инвестираме и да ја надградуваме мрежата за дабидеме подготвени за комерцијалниот старт“, изјави Никола Љушев, Главен извршен директор на Македонски Телеком.

5G е нов технолошки стандард кој ќе биде главниот предизвик на телекомуникациските оператори во наредниве години.Супериорноста на мрежата во сите нејзини сегменти  е главниот предуслов за воведување на оваа нова технологија. Со оглед на тоа, Македонски Телеком планира инвестиции во мрежата во наредните две години, за да ги исполни сите предуслови за комерцијалниот почеток на 5G.

Мрежата на петтата генерација не само што ќе донесе огромни брзини на пренос на податоци преку интернет и комуникација во реално време туку целосно ќе го смени начинот на кој што функционира нашето општество: Интернет на нештата (Internet of Things) ќе стане реалност (дронови, роботи), ќе живееме во паметни домови и паметни градови, ќе возиме паметни автомобили, а ќе имаме придобивкии во медицината, образованието, бизнисот.

5G технологијата ќе почне да се имплементира во Европа од 2020 година, а целосна имплементација со сите нејзини напредни функционалности се очекува во периодот по 2025 година.