Конкурс за учениците од основите и средните училишта по повод Светските денови на штедењето и осигурувањето

38

Денес, Народната банка на Република Македонија (НБРМ), Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија за осигурување (АСО) го објавија конкурсот за ученици од основното и средното образование, којшто веќе неколку години наназад е заедничка активност по повод одбележувањето на Светскиот ден на штедењето – 31 октомври и Светскиот ден на осигурувањето – 1 ноември.

Трите институции коишто заеднички учествуваат во Координациското тело на регулаторните институции во Македонија за финансиска едукација, со овој конкурс имаат за цел да ja поттикнат креативноста, имагинацијата, како и критичкото размислување на учениците при создавањето творби на темите штедење и осигурување. Овие институции на овој начин ќе придонесат за натамошно интересирање и едуцирање на младата популација за овие два клучни сегмента во финансиската сфера.

Во конкурсот се одредени две теми на кои учениците од основите училишта можат да се јават со испраќање литературна творба – песна и/или ликовна творба – цртеж: И јас умеам да штедам и Што значи за мене осигурувањето на домот и семејството. По завршување на конкурсот ќе бидат избрани по три најдобри литературни и ликовни творби на двете теми. На авторите (ученици) на избраните творби ќе им бидат доделени парични награди.

Годинава, за првпат, на конкурсот, учениците од средните училишта можат да испратат литературна творба – есеј, и тоа на тема Штедам – мислам на својата иднина. Според насоките дадени во конкурсот, есејот треба да содржи личен поглед кон штедењето, со осврт на некои од важните прашања: причините и потребата за штедење, значењето на штедењето за иднината, ставот кон штедењето на младата популација наспроти повозрасните, семејните навики и штедењето, познавањата на младите за штедењето во финансиските институции и други аспекти.

Учениците од средното образование можат да конкурираат и со литературна творба – расказ на тема: Што значи за мене осигурувањето на домот и семејството . На авторите (ученици) на трите најдобри есеи и раскази ќе им бидат доделени парични награди.

Условите за учество се наведени во конкурсот којшто е објавен на интернет-страниците на НБРМ, Министерството за финансии и АСО.

Крајниот рок за доставување на творбите е 15 октомври 2018 година.

Пристигнатите творби ќе ги разгледуваат и ќе ги оценуваат комисии формирани од претставници на трите институции коишто го распишаа конкурсот. Списокот на наградените ученици, датумот и локацијата на доделувањето на наградите ќе бидат објавени најдоцна до 31 октомври 2018 година, на интернет-страниците на трите институции.

НБРМ, Министерството за финансии и АСО се надеваат дека и оваа година, конкурсот ќе предизвика голем интерес меѓу учениците од основните и средните училишта во Република Македонија и дека дополнително ќе го стимулира стекнувањето и развивањето на навиките за штедење, а воедно ќе придонесе и за подобра упатеност во можностите коишто ги дава осигурувањето.

Трите институции ќе продолжат со активностите преку кои ќе се обидуваат да придонесат за соодветно финансиско едуцирање на новите генерации, со што ќе се овозможи зголемување на финансиската писменост на населението во Република Македонија и во иднина.