Пакомак со Хокус покус, рециклирањето е во фокус доби награда за општествено одговорна компанија на годината

44

Пакомак – друштво за управување со пакување и отпад од пакување доби национална награда за 2018 година за општествено одговорни практики, која традиционално секоја година ја доделува Министерство за економија на Република Македонија.

Признанието е добиено за проектот наречен Хокус покус, рециклирањето е во фокус, којшто Пакомак, заедно со магионичарот Кристијан Шопов, го намени за децата од предучилишна и од училишна возраст. Во овој проект, преку забавна магионичарска претстава и интересни трикови, децата учеа за важноста на селектирањето и за одржувањето чиста животна средина. Претставата во којашто децата се едуцираа дека стаклото треба да го фрлат во зелениот контејнер, хартијата во синиот, а пластиката и лименките во жолтиот контејнер ја видоа над 33.700 деца во Скопје од 52 училишта и уште 17.000 деца од 45 училишта од седум градови од Македонија. Проектот го поддржаа Пивара Скопје и Холандската амбасада во Македонија, традиционалните партнери на Пакомак кога станува збор за екологија.

“Проектот се покажа извонредно успешен и претставува позитивно искуство за децата, наставниците и за нас како еко компанија со јасна еко визија. Ние сме особено горди што Министерство за економија на Република Македонија го препозна и награди овој проект, затоа што проектот претставува влог во нашите деца и нивната иднина. Важно е децата да имаат високоразвиена еколошка свест за да живеат во иднина во почиста животна средина“, изјави Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак.

“Замислете си да предизвикате смеа, радост, возбуда кај 50.700 деца и да ги научите за селекција на отпадот, тоа е, навистина, чудесно. Чувството не може да се опише кога знаете дека преку едукативна забава давате придонес за подобра иднина за нашата планета. Невозможното и мистериозното зачинето со хумор секогаш буди интересот кај публиката. Нема човек што не сака да се насмее и да види нешто интересно, необјасниво. Да се биде опкружен со толку детски искрени лица што неизмерно ѝ се радуваат на илузијата што ја прикажуваш е прекрасно. Плус кога знаеш дека пренесуваш еко порака, која треба да ги мотивира децата да селектираат отпад и со тоа да создадат почист свет, задоволството е уште поголемо“, изјави магионичарот Кристијан Шопов, кој е истовремено и голем екологист, илузионист и хуманист.

Пакомак е непрофитабилна компанија која има за цел да остави печат на позитивни и социјално одговорни промени во општеството.

Општествената одговорност за Пакомак е бизнис – императив и како успешна и современа компанија има влијание врз своите партнери, околината и врз целото општество. Пакомак на општествената одговорност гледа како на стратешка цел на долг рок, која има за крајна цел подобрување на целокупниот квалитет на живот.