Како да фрлате помалку храна за време на празниците

36

Фото: Pixabay

Празничната еуфорија е во полн ек, па така и честите заеднички средби за ручек или вечера. Но, за жал сведоци сме дека во празничните денови се подготвува многу повеќе храна одошто може реално да се изеде.

Па, од таа причина споделуваме неколку совети што може да ви помогнат да ги намалите остатоците од храна за време на празниците.

Прецизен список на купување

Пред да ја подготвите свечената трпеза, потрудете се да направите концизен список од продукти што се неопходни за да го подготвите ручекот или вечерата за вашите блиски. Доколку од прилика го знаете бројот на гости што ги очекувате, полесно ќе  испланирате колкава количина на храна ќе биде доволна.

Замрзнување на храна

Во случај да подготвите и поголема количина на храна, може истата да ја складирате и замрзнете, по што ќе може да ја користите во деновите кога ќе немате идеја што да зготвите за ручек или вечера.

Бидете креативни и искористете ги остатоците од храна

Не мора да бидете голем виртуоз во кујна за да може од остатоците од храна да направите вкусен оброк. Доколку сте испекле повеќе месо или зеленчук, можете да ги ставите во фрижидер, па по неколку дена да ги “трансформирате“ во вкусна салата.

Споделувајте ја храната со оние на кои им е повеќе од неопходна

Ако вашата маса е преполна со храна, не помислувајте да ја фрлите во контејнер, туку спакувајте во пластични кутии и споделете ја со луѓе кои поради различни причини не можат да си дозволат храна во текот на денот.