Трет оглас за социјалците за плодоуживање на државно земјоделско земјиште

62

nivaМинистрите за земјоделство, шумарство и водостопанство и за труд и социјална политика Љупчо Димовски и Спиро Ристовски, на денешната прес-конфренција најавија дека наскоро ќе биде објавен третиот оглас за доделување државно земјоделско земјиште на плодоуживање на социјално загрозените лица.

Со тоа оваа категорија граѓани уште еднаш ќе имаат можност да се вклучат на пазарот на труд преку извршување земјоделска дејност.

Јавниот повик се однесува на 731,6 хектари во вкупно 21 општина и тоа Берово, Битола, Македонски Брод, Валандово, Гостивар, Гевгелија, Дебар, Делчево, Демир Хисар, Кочани, Крушево, Кратово, Кавадарци, Струга, Струмица, Пробиштип, Ресен, Велес, Штип, Гази Баба и Чаир.

Површината за која може да се достави понуда и да се даде на плодоуживање е максимум 4 хектари во систем за наводнување и најмногу 8 хектари надвор од систем за наводнување.

“Заинтересираните лица може да ги поднесат понудите до Министерството за земјоделство во рок од 30 дена од објавувањето на јавниот повик. Зависно од планираниот начин на користење, на плодоуживање се дава земјоделското земјиште за одгледување житни, фуражни и индустриски култури за поединец до 4 хектари во систем за наводнување и за здружени двајца плодоуживатели до 8 хектари во систем за наводнување, како и за одгледување градинарски култури, за поединец максимум 0,6 хектари во систем за наводнување и за здружени двајца плодоуживатели до 1,2 хектари во систем за наводнување”, информира министерот Димовски.

Министерството за земјоделство ќе склучува договори во времетраење од 5 години со лицата кои ќе бидат избрани за најповолни понудувачи. Притоа, плодоуживателите нема да плаќаат закупнина за користење на земјоделското земјиште, а ќе добијат еднократна парична помош за почнување земјоделската дејност преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2013 година.

За корисниците кои ќе одгледуваат житни, фурнажни и индустриски култури обезбедени се 20.000 денари по хектар, но не повеќе од 120.000 денари, а за корисниците кои ќе одгледуваат градинарски култури во износ од 55.000 денари по хектар.

Министерот Ристовски апелира на огласот да се јави секој корисник на социјална помош кој се чувствува работоспособен.

“Гарантираме дека ако евентуално не успее со земјоделската дејност, по две години повторно ќе продолжи да зема социјална помош. Сепак идејата на мерката е социјално загрозените да излезат од таквата состојба и сами да продолжат со обезбедувањето на сопствената егзистенција”, напомена Ристовски.

Ако на огласот бидат доделни по два хектара, практично ќе се ангажираат околу 360 лица, што според Ристовски е исклучителен успех.

Изборот на најповолен понудувач по јавниот повик се врши врз основа на критериумите утврдени во Програмата. Во случај кога за исто земјоделско земјиште се доставени две или повеќе понуди, земјиштето се дава на лицето кое има освоено повеќе бодови по основ на времетраењето на користење на правото на социјална парична помош, на бројот на членови во заедничко домаќинство, на бројот на инвалидни лица, самохран родител или згрижување/старателство на дете без родители и родителска грижа или возрасно лице со одземена деловна способност.

Министерството за труд, покрај оваа помош, на корисникот на плодоуживањето за првите 24 месеци месечно ќе му исплаќа надоместок во висина на социјална парична помош што ја земал до тогаш, исплата на придонеси за пензиско инвалидско осигурување и здравставено осигурување и исплата на надоместок за регистрација во регистарот на индивидуални земјоделци.

Во третата година од плодоуживањето плодоуживателот нема да биде корисник на овие мерки.

Плодоуживателите по склучувањето на договорите за плодоуживање, треба да се регистрираат преку Фондот на ПИОМ како индивидуални земјоделци на кои земјоделството им е основна дејност.

Согласно Законот за земјоделското земјиште, во рок од 30 дена пред истекот на времетраење на договорите за плодоуживање, плодоуживателите можат да поднесат барање за трансформација на договорот за плодоуживање во право на закуп.

На претходните два огласа кон крајот на 2012 и почетокот на 2013 година, на плодоуживање беа доделени 98 хектари државно земјоделско. Во периодот, пак, од 2006 до 2011 година, 322 од 410 корсници ги трансформираа договорите за плодоуживање во концесиски.