Македонски Телеком лани прокнижи добивка од 1,4 милијарди денари

51

Македонски Телеком ланската година ја заврши со вкупна сеопфатна добивка од 1.421.564.000 денари, покажува неконсолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

Во текот на 2017 година, добивката на телекомуникациската компанија беше 1.380.848.000 денари.

“Нето добивката за 2018 година е зголемена за 2,5% во споредба со претходната година, додека нето добивката е зголемена за 2,9% и изнесува 1.421.564.000 денари. Имплементацијата на МСФИ 15 и МСФИ 9 имаше ефект на нето добивката, односно резултираше со позитивен ефект од 6.000.000 денари, вклучувајќи го негативниот ефект на одложени даноци во износ од 667.000 денари“, стои во Образложението за работењето на Македонски Телеком.

Вкупните приходи од продажба, во периодот јануари – декември 2018 година, изнесуваа 10.462.121.000 денари. Од тој износ, на домашен пазар отпаѓаат 9.830.619.000 денари, додека остатокот од 631.502.000 денари е остварен на пазари во странство.

Во 2018 година, компанијата бележи позитивен тренд на движење на корисниците на широкопојасен интернет. На крајот од 2018 година, вкупниот број на корисници  на широкопојасен интернет изнесува 196,3 илјади и е зголемен за 1,2% споредено со претходната година. Продолжи трендот на зголемување и на IPTV корисници (вклучувајќи Magenta 1, Интернет&ТВ и други ТВ услуги) за 9,3% во споредба со претходната година што резултира со база од 128,4 илјади корисници на крајот од 2018 година.

Воден од идејата да им ја донесе најнапредната технологија поблиску до граѓаните, Македонски Телеком продолжи со инвестициите во оптичката мрежа, со што се бележи пораст од 7% на семејствата покриени со оптички пристап, споредено со истиот период од минатата година. Токму како резултат на континуираното ширење на оптичката мрежа, 31% од домаќинствата во Македонија на крајот од 2018 година имаат пристап до оптиката од Македонски Телеком и можност за користење на супер брз интернет.

Во 2018 година, Македонски Телеком го зголеми уделот на претплатници на мобилна телефонија. Па така, на крајот од 2018 година компанијата има 1.206 илјади претплатници или удел од 49,7% на пазарот на мобилната телефонија, според интерна проценка. Приходите од неговорни услуги на крајот од 2018 година се зголемени за 11% во споредба со претходната година, како резултат на зголемените приходи од мобилен Интернет и поголем GPRS сообраќај, како и зголеменото користење на податочни тарифни модели.