ЕЛЕМ ќе стипендира студенти и постдипломци

39

ELEMАД ЕЛЕМ ќе стипендира студенти и постдипломци од областа на машинството, енергетиката, екологијата и хидрауличното инженерство. Ова е предвидено со Меморандумот за соработка што компанијата денеска го потпиша со Машинскиот факултет од Скопје и Факултетот за природни и технички науки во Штип. Стипендистите воедно ќе можат да добијат практични искуства преку нивно ангажирање и работење во ЕЛЕМ.

“Инвестирањето во знаењето и во младите кадри е од особено значење за развојот на македонската индустрија, за економијата и за државата воопшто”, истакна директорот на ЕЛЕМ Дејан Бошковски по парафирањето на документот.

Деканот на Машинскиот факултет Атанас Кочов истакна дека идните кадри мора да бидат едуцирани, но и подготвени да одговорат на техничко-технолошките предизвици.

Според деканот на Факултетот за природни и технички науки во Штип, Зоран Панов, Меморандумот ќе го подигне нивото на соработка меѓу трите институции, студентите и постдипломците ќе имаат комплетен увид во она што ќе биде нивна професија преку учество на семинари, работилници, проекти, а експерти од факултетите ќе ги советуваат стручните кадри во ЕЛЕМ за одредени проблеми и за воведување модерни технологии во секојдневното работење.