Фото: Pixabay
Глувци, газели, слонови… животни што може да се најдат во природата, во зоолошка градина, но и како поими во претприемништвото.
“Глувци“ се исклучително мали компании со само неколку вработени. Тие се можеби најнепостојаниот вид на компании, бидејќи колку што е голем бројот на новоотворени, исто е толкав и бројот на оние што ставиле клуч на своето работење. Можат да бидат флексибилни, да ги следат промените на пазарот, да го менуваат обликот, бројот на вработени, сопственикот… Во оваа категорија може да се сместат мали семејни фирми, во коишто оние кои се вработени, се во роднинска врска и заради поголема економичност вршат повеќе функции. Овие мали бизниси најчесто може да се сретнат во трговијата на мало, а во покомплицирани индустрии имаат отежнат влез и немаат капацитет да се борат со технологијата, конкуренцијата, пазарот…
Сосема спротивни на таканаречените “глувци“ се “слоновите“. Под овој синоним се кријат големи компании коишто доаѓаат од моќна индустрија, имаат големи производни капацитети, стотици вработени, посебни сектори, специјализирани центри за управување и надзор на работата. Овие гиганти се важен двигател на економијата, бидејќи тие го движат пазарот, диктираат цени и трендови, наметнуваат нови правила, ангажираат и соработуваат со компании од различни дејности.
Трето и можеби најпросперитетно животно се брзите и елегантни газели. Тие се олицетворение на компании што многу брзо растат, бележат постојано зголемување на приходите, перманентна потреба од нови вработени, лесно освојуваат нови пазари, без никаков проблем воведуваат нови технологии. Со еден збор, газелите го диктираат темпото на пазарот, па оние кои може да се борат со нив, ќе опстојат, останатите ќе им бидат далеку зад петици.
“Газелите“ стануваат посебно интересни за општеството во целина, бидејќи нивниот потенцијал за раст значи отворање на нови работни места, високи приходи, голем профит, раст и развој на долг рок. Но, она што им создава главоболки на “газелите“ е како да го одржат растот повеќе од пет години. Имаат силен старт, но по некое време го губат темпото. Во тој случај е многу важно да се донесат правилни одлуки, за да трча “газелата“ на долги патеки.
Најчесто “газелите“ треба да се бараат меѓу технолошки и ИТ компании, а во светот пример за вакви компании се: Microsoft, Apple, Dell, Yahoo, Google, Cisco, Facebook, Twitter…