Во официјалното соопштение на СЈ Компани којашто ја има франшизата на McDonald’s во Македонија од 1997 година се вели дека McDonald’s рестораните во Македонија се привремено затворени, како последица на околности кои се надвор од контрола и од нив било побарано да ја запрат работата на McDonalds’s рестораните на територијата на Македонија, од вторник 14-ти мај 2013 година.
Во писмената изјава на компанијата се вели дека во моментот интензивно се бара решение коешто ќе овозможи што е поскоро можно отворање на рестораните што го носат препознатливиот светски бренд.
“За таа цел, се надеваме на корисни преговори со McDonald’s корпорацијата, кои ќе ни овозможат да ја продолжиме нашата мисија и да ги услужуваме нашите верни потрошувачи во Македонија”, велат од CJ Компани.
Од компанијата не откриваат кои се причините за прекинот на работата на синџирот ресторани, меѓутоа во македонските медиуми вчера се појавија написи дека причината е цената на франшизата, односно зголемување од 30% од досегашната сума.
Од CJ Компани, потсетуваат дека од 1997, кога беше отворена првата франшиза на McDonald’s во Скопје, McDonald’s Македонија го направила овој глобален бренд достапен во земјата и денес обезбедува стабилно вработување за повеќе од 200 вработени.
“До денес, McDonald’s франшизата во Македонија инвестираше шест милиони евра во воспоставувањето на брендот и развојот на бизнисот, со цел да ги задоволи потребите на нашите потрошувачи”, велат од компанијата изразувајќи жалење за ваквиот прекин на работата.
Во соопштението се нагласува дека јавноста транспарентно и навреме ќе биде информирана за напредокот во решавањето на проблемот.