Љубљана лидер за рециклирање во регионот

43

Фото: Pixabay

Пред 15-тина години, целиот отпад во Љубљана се одлагаше на депонии, но во последните неколку години, властите во Словенија направија голема пресвртница. Се предвидува дека до 2025 година, најмалку 75% од отпадот во овој град ќе биде рециклиран, пишува The Guardian.

Инаку, Љубљана ќе биде првата престолнина во Европа што во целост ќе се ослободи од отпадот, а првите чекори кон “позелена“ иднина се направени во 2002 година, кога на улиците низ градот се поставени контејнери за селектирање отпад. Четири години подоцна, работници од комуналното претпријатие одеа од врата до врата да собираат биоразградлив отпад од жителите, а од 2013 година пред секој влез се поставени канти за селектирање отпад.

Градот денес рециклира 68% од отпадот, a депониите имаат 80% помалку смет. Љубљана сега произведува само 115 килограми заостанат отпад по глава жител годишно, што е втор град во Европа (првото место му припаѓа на италијанскиот град Тревизо, каде што отпаѓаат 59 килограми по глава жител).

Словенечката престолнина има два центри за рециклирање на отпад од домаќинствата што им се достапни на сите, а од градот планираат да отворат уште најмалку три исти такви центри. Тие се прилично популарни меѓу локалните жители, па бележат над 1.000 посети дневно.

Исто така, во Љубљана има 67 подземни контејнери што жителите ги отвораат со помош на нивни лични клуч – картички.