Со промените во регулативата на коишто се работи во моментов ќе се стимулираат значајни унапредувања на пазарот на платежни услуги во земјава. Ова беше истакнато меѓу другото, во Охрид, на 12-тата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, којашто ја организира Народната банка на Република Северна Македонија, во соработка со Банката на Холандија, а на која се обратија и министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
Во своето обраќање, министерот Тевдовски истакна дека Законот за платежните услуги и платните системи, којшто заеднички го изработуваат Министерството за финансии и Народната банка и за кој вчера на Конференцијата се осврна и гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска, ќе овозможи либерализација на пазарот на платежни услуги и влез на небанкарски институции, како што се платежните институции и институциите за електронски пари.
“Овој закон ќе биде значаен чекор кон менување на платежниот пејзаж. Бизнис заедницата, особено финтек – компаниите се оние кои треба да воведат нови, иновативни начини на плаќање – лесно достапни и со помали трошоци. Со либерализацијата на пазарот ќе се зголеми и конкуренцијата со што ќе се стимулираат банките и другите финансиски институции да бидат поактивни во примената на технолошките иновации во финансискиот сектор”, рече Тевдовски.
Тој посочи дека заради привлекување на компаниите, пред сѐ оние од ИКТ индустријата, предвидено е платежните институции кои ќе бидат ангажирани со ограничен вид и обем на активности да се основаат со капитал од 1,3 милиони денари, наместо со 7,8 милиони денари, како што е досега.
Во однос на пазарната инфраструктура, во делот на пристап до капитал, министерот за финансии истакна дека се создадени услови за примена на крауфандинг во земјава, што е од особено значење за старт – ап компаниите.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски истакна дека придобивките од новините во информатичката технологија се неопходни за економскиот развој и дека мора да бидеме подготвени за предизвиците коишто ги носи брзиот технолошки развој, како и за прифаќање на промените коишто се случуваат на глобално ниво.
“Процесот на дигиталната трансформација е долг и не е едноставен, но во изминативе години направивме значајни чекори за создавање предуслови за забрзување на овој процес и кај нас. И тоа не само предуслови од технички карактер, туку и правни основи, особено во доменот на финансиската инфраструктура. Со цел да се унапреди развојот на економијата, работиме и на воспоставување цврста дигитална инфраструктура со еднаков пристап за јавните и приватните институции, компаниите и граѓаните и нашата регулатива ја усогласуваме со регулативата на Европската Унија. Веќе имаме цврста рамка за отворен и сигурен дигитален простор“, истакна тој, при што посочи дека усогласувањето на домашното со европското законодавство од оваа сфера е првиот поголем чекор во процесот, со што се обезбедува сигурното извршување на дигиталните активности.
Манчевски се осврна и на постигнатиот напредок со дигиталната идентификација кај нас и со сигурноста на дигиталните услуги на јавните институции, како и со воспоставената платформа за сигурна размена на податоци меѓу јавните институции, којашто е основа за дигитализација на процесите во земјава.
На годинешново издание на Конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура има учесници од четиринаесет држави. Денес, своите експертски гледишта за менувањето на платежниот пејзаж ќе ги изнесат и претставници на неколку централни банки од Европа.
Во рамки на конференциските активности беше одржана и панел дискусија на која истакнати експерти од банкарскиот сектор и секторот финтек говореа за светот на отвореното банкарство и за финтек во иновациите на плаќањата. Изнесените гледишта ќе бидат од корист за натамошното согледување на дел од предизвиците со коишто се соочува и централнобанкарската заедница.