Гигантот Apple користи сомнителна мрежа на офшор компании за затајување на данок во вредност од неколку милијарди долари, соопшти комисија на американскиот Сенат.
Мрежата се состои од три филијали со седиште во Ирска, кои никаде не се пријавени како даночни обврзници. Извор од комисијата вели дека овие компании се “измислени и невидливи”. Членови на комисијата сметаат дека благодарение на оваа шема, Apple плаќа многу мал данок на профитот што го остварува во странство, пишува Guardian.
Една од филијалите во Ирска пријавила приход од 74 милијарди долари за четири години, а не платила скоро никаков данок. Во 2011 година оваа филијала имала приход од 22 милијарди долари, а платила само 10 милиони долари данок по стапка од 0,05%.
Apple ги демантира обвинувањата и потсетува дека креирале 600.000 работни места во САД и платиле шест милијарди долари данок на американското министерство за финансии во 2012 година.