Фонд за млади умови на ФИТР

127

Во организација на Фонд за иновации и технолошки разво (ФИТР), на осми и деветти јули во Јавна соба во Скопје, ученици, родители, наставници и професори, како и претставници на државни институции и независни експерти во четири фокус – групи ќе дискутираат за изработка на национална програма за талентирани и надарени деца, стои во соопштението.

Ова е дел од повеќемесечната иницијатива на ФИТР за развивање на стратешка програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите – Фонд за млади умови.

Со цел вклучување на сите релевантни чинители во процесот на изготвување на оваа програма, којашто треба да се спроведува на национално ниво, ќе се одржат четири посебни дискусии со различни фактори, вклучувајќи претставници на разни научни здруженија и асоцијации, Министерство за образование и наука, Биро за развој на образованието, разни владини агенции за спроведување образовни програми, како и претставници на високообразовните институции во државата, претставници на УНИЦЕФ Северна Македонија, USAID, неколку амбасади, невладиниот сектор, а посебни фокус групи се  наменети за наставниот и стручниот кадар во училиштата и засегнати родители и ученици.

Фокус групите ќе бидат водени од меѓународен експерт Др. Ребека Елис од УНИЦЕФ С. Македонија, кој е еден од главните партнери на ФИТР во изготвување на концептот на националната програма. Меѓу другото ќе се дискутираат постоечките инструменти за поддршка, можните аспекти за подобрување, реалните потреби на учениците, како и системските недостатоци што треба да се пополнат со конкретни мерки.

Стратешка програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите – Фонд за млади умови на ФИТР, предвидено е да опфати поддршка преку веќе постоечки успешни иницијативи, да понуди нови мерки на поддршка за поттикнување на креативноста, иновативноста и претприемништвото кај младите, како и негување и унапредување на талентите кај децата.

Инаку, иницијативата на ФИТР за поддршка и развој на талентирани деца започна во март со голема панел дискусија Развој и поддршка на талентирани деца, а целта е цел да се креира системско решение со кое државата во иднина ќе вложува во развивање и поддршка на таленти кај младите.

Фокус групите се од отворен карактер и во нив може да учествуваат сите кои сакаат да придонесат кон успешна дискусија од која ќе произлезат конкретни насоки и резултати.

Повеќе информации за распоредот и термините на www.fitr.mk.