Кожените чевли важат за најудобни чевли поради карактеристиките што ги има природната кожа. Во светот лани се извезени ваков вид на обувки во вредност од над 55 милијарди долари.
Најголем извозник на кожени чевли во светот е Кина, којашто минатата година инкасираше девет милијарди долари. На второ место е земјата на модата, Италија, од каде што се извезени кожени чевли во вредност од осум милијарди долари. Третата позиција ја заслужи Виетнам, бидејќи минатогодишниот извоз на кожени чевли достигна 6,6 милијарди долари.
Во топ 10 извозници на кожени чевли се најдоа и: Германија (3,6 милијарди долари), Индонезија (2,7 милијарди долари), Франција (две милијарди долари), Белгија (исто така околу две милијарди долари), Португалија (1,9 милијарди долари) и Индија (1,9 милијарди долари).
Од земјите во регионот, Турција е 23-та во светски рамки со извоз вреден 405 милиони долари. Хрватска и Босна и Херцеговина се на 33-то и 34-то место со извоз од околу 190 милиони долари. Зад нив се позиционираше Албанија со извоз на кожени чевли во висина од 164 милиони долари. Србија е две места подолу со извоз во 2018 година од 147 милиони долари, додека Словенија се најде на 40-тото место со годишен извоз од 119 милиони долари. Бугарија лани евидентираше извоз на кожени обувки во висина од 65 милиони долари, додека кај Грција тој износ е 52,4 милиони долари.
Македонија е 59-та во светот со извоз на кожени обувки вредни 30,9 милиони долари.
Од 189 земји во светот, овие се најдоа на дното: Кирибати, Гуам, Конго, Чад, Кајмански острови, Екваторијална Гвајана.
Фото: Pixabay