Full Grown – компанија што го “расте“ својот мебел

146

Гевин и Алис Мунро, сопружници од Англија, создаваат мебел директно од природата. Со специјална техника тие одгледуваа дрва коишто “растат“ во форма на столици, пишува Reuters.

Моментално на нивната “фарма за мебел“ се одгледуваат 250 столици, 100 ламби и 50 маси.

Според Гевин, тоа е еден вид на зен 3D печатење, а идејата ја добил од едно бонсаи дрво што изгледало како столче. Тој како дете носел и метална потпора за оформување ’рбетот и тоа бил дополнителен поттик за да започне со бизнисот.

Во 2006 година почнал да експериментира со растењето на мебелот, а во 2012 заедно со сопругата ја основаат компанијата Full Grown.

Како што велат тие, му помагаат на дрвото, односно на гранките да растат во одредена насока. Со оглед на тоа дека се потребни години за да се оформи едно парче ваков мебел и цената е малку повисока. Столиците чинат 12.480 долари, ламбите се продаваат од 1.120 до 2.870 долари, а масичките од 3.120 до 15.600 долари.

За една столица да “никне“ потребни се шест до девет години и уште една за да се исуши. Сопружниците се надеваат дека до 2022 година производството ќе биде на годишна база.

Фото: Full Grown