Скопје vs Париз

144

Нашиот главен град од градот на светлината е оддалечен околу 2.283 километри. Но, има и големи разлики во однос на многу цени, коишто ќе ги анализираме со помош на Numbeo.

Ручек за две лица во просечен ресторан во Скопје чини 17,89 евра, додека во Париз е 179% повеќе или околу 50 евра. Половина литар пиво од домашно производство во ресторан во Скопје има цена од 1,63 евра, додека во француската престолнина е 6,50 евра или скоро 300% поскапо.

Во однос на цените во супермаркетите, меѓу оние производи со најголеми разлики се овие неколку. На пример, килограм кромид во Скопје имаат цена од 0,51 евра, а во Париз 332% поскапо или 2,22 евра. Килограм домати во нашите супермаркети се продаваат по 0,86 евра, а во Париз 2,79 евра, што е за 224% поскапо.

Ако имате потреба од такси превоз во Скопје, за почеток на оваа услуга ќе платите 0,65 евра, а во Париз 668% повеќе или пет евра. Доколку треба таксистот да ве причека, кај нас ќе наплати 4,88 евра за еден час, а за истиот тој период во Париз ќе се наплатат 38 евра, што е за 689% повеќе.

Месечните сметки за струја, вода, греење и слично, кај нас достигнуваат ниво од 107 евра, додека во Париз се движат околу 167 евра или 55% повеќе.

Еден месец во приватна градинка кај нас има просечна цена од 178 евра, а во Париз 390% повеќе или 875 евра.

Недвижнините во Париз имаат исклучително високи цени, па така за изнајмување стан со една спална во централното градско подрачје треба да се одвојат 1.204 евра, додека кај нас е 423% поевтино или околу 229 евра. Околу 797% е разликата во цени кога станува за продажба еден метар квадратен на стан надвор од центарот на градот. Кај нас просечната цена на таква недвижнина е 889 евра, а во Париз 8.313 евра.

Огромна е и разликата во просечната месечна нето плата или 453%. Кај нас оваа ставка е 389 евра, а во Париз 2.159 евра.

Фото: Pixabay