Дали ги знаете вашите права при прекин на работен однос?

2568

При прекин на работен однос имате право на паричен надоместок. Паричниот надоместок го има невработено лице што било во работен однос најмалку девет месеци непрекинато. Односно 12 месеци со прекин во последните 18 месеци, пред престанокот на работниот однос.

Барање за паричен надоместок

Барањето се поднесува во Центарот за вработување во местото на живеење на невработеното лице, во рок од 30 дена од денот на престанокот на работниот однос. Доколку барањето се поднесе по истекот на рокот, паричниот надоместок се исплатува од денот на поднесувањето на барањето за преостанатиот период. Паричен надоместок не се исплатува доколку барањето е поднесено по истекот на времето за кое следува истиот.

Висина на паричниот надоместок

Висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност се утврдува врз основа на пресметаните и исплатени плати кај работодавачот и изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци. Ова право му следува на лице кое има право на паричен надоместок до 12 месеци, а за лице кое има право на паричен надоместок подолго од 12 месеци, паричниот надоместок за првите 12 месеци изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци, а за преостанатото време 40% од просечната месечна нето плата. Паричниот надоместок не може да изнесува повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во Републиката објавена за последниот месец.

Продолжување на паричниот надоместок

Паричниот надоместок продолжува да се исплатува и по истекот на времето:

  • на жена за време на бременост и породување и
  • ако Агенцијата го упати невработеното лице на обука, преквалификација или доквалификација до истекот на времето определено за тоа.

Кој не може да оствари право на паричен надоместок

Невработеното лице на кое работниот однос му престанал поради:

  • давање писмена изјава за престанок на работниот однос (освен ако таквата изјава е дадена поради промена на местото на живеење на брачниот другар или склучување на брак);
  • погодбен престанок на работен однос;
  • остварува права од работен однос спротивно на закон;
  • престанок на работен однос по сила на закон (освен во случај на престанок на правното лице поради стечај);
  • отказ од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина;
  • одбивање да работи на работи на кои е распореден во согласност со закон;
  • одбивање да биде преземан со спогодба кај друг работодавец;
  • одбивање обука, преквалификација или доквалификација;
  • губење на работната способност, согласно прописите за пензиското и инвалидското осигурување;
  • исполнување услови за остварување право на пензија;

Невработеното лице не може да оствари право на паричен надоместок, а доколку е корисник на паричен надоместок, ова право ќе му престане доколку:

  • основа трговско друштво, претпријатие или друго правно лице;
  • врши занаетчиска, односно професионална дејност.

Време за кое се исплатува паричниот надоместок

Паричниот надоместок на невработеното лице се исплатува:

  • еден месец, ако има стаж на осигурување најмалку девет месеца во непрекинато траење или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци;
  • два месеца, ако има стаж на осигурување над 18 месеци до две и пол години;
  • три месеци, ако има стаж на осигурување над две и пол до пет години;
  • четири месеци, ако има стаж на осигурување над пет до седум и пол години;
  • пет месеци, ако има стаж на осигурување над седум и пол до десет години;
  • шест месеци, ако има стаж на осигурување над десет до дванаесет и пол години;
  • седум месеци, ако има стаж на осигурување над дванаесет и пол до 15 години;
  • осум месеци, ако има стаж на осигурување над петнаесет до седумнаесет и пол години;
  • девет месеци, ако има стаж на осигурување над седумнаесет и пол до 20 години;
  • 10 месеци, ако има стаж на осигурување над 20 до дваесет и две и пол години;
  • 11 месеци, ако има стаж на осигурување над дваесет и две и пол до 25 години и
  • дванаесет месеца, ако има стаж на осигурување над 25 години.

Невработеното лице кое има над 15 години стаж на осигурување, а на кое му недостасуваат најмногу до 18 месеци пред исполнување на услови за стекнување право на старосна пензија, паричниот надоместок му се исплатува до неговото вработување, односно до настанувањето на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок. Значи, невработеното лице кое има над 60 години и шест месеци возраст (жена), односно 62 години и шест месеци возраст (маж) и над 15 години стаж на осигурување, паричниот надоместок му се исплатува до неговото вработување, односно до настапувањето на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок, (за овие невработени лица не се плаќа придонес за пензиско и инвалидско осигурување).