Од денеска судските такси намалени за осум пати

57

Ако досега трошоците за судски такси, достигнувале до 48.000 денари, сега нема да се плати повеќе од 6.000 денари, најави денеска министерот за правда, Бојан Маричиќ, најавувајќи дека судските такси се намалени за осум пати.

“Денеска на сила стапува Законот за изменување и дополнување на Законот за судски такси, со којшто граѓаните конечно добиваат големо намалување на трошоците кои ги имаат во судовите. Свесни бевме дека тие беа високи, а луѓето на кои им беше потребна правда, многу пати се откажуваа да ја бараат во судниците. Тоа сега се надевам ќе се промени, бидејќи правдата станува подостапна за сите. Судските такси се значително намалени. Ако во минатото тие можеа да изнесуваат и до 48.000 денари, сега нема да платите повеќе од 6.000 денари. Трошоците за судските такси во првостепена постапка ќе се движат од 480 до најмногу 6.000 денари, во зависност од вредноста на спорот“, рече Маричиќ.

Тој даде и пример како ќе изгледа тоа:

Тужите осигурителна компанија за надомест на штета во вредност од три милиони денари. Судската такса којашто треба да ја платите е 2% од вредноста на спорот. Значи, во овој случај граѓанинот ќе требаше за судски такси да го даде максималниот износ од 48.000 денари. Сега според донесените измени давачката ќе биде само 6.000 денари, односно осум пати помалку. Доколку е потребно да ја истерате правдината до крај и да ги искористите сите редовни и вонредни правни лекови, по старата тарифа за истиот спор ќе платевте вкупно 288.000 денари (тужба 2%, одлука 2%, жалба 4%, ревизија 4%). По новата судска такса, најмногу може да потрошите вкупно 36.000 денари или 252.000 помалку, доколку се жалите.

Или друг пример кога се работи за долг од 15.000 илјади евра или околу 930.000 илјади денари. Почнувате парнична постапка на суд, а судската такса е 2% од вредноста на спорот. По старата такса, треба да платите 18.600 денари судска такса. По новата, ќе платите само 6.000 денари.

“Очекуваме ваквите промени да бидат во интерес и на адвокатите и вештаците, бидејќи граѓаните ќе бидат охрабрени по судски пат да стигнат до правдата“, рече Маричиќ, додавајќи дека овие промени во поширока смисла на толкување се и во духот на Националната стратегија за намалување на сиромаштијата.