Кој е најскапиот лек во светот?

469

Американската агенција за лекови го одобри пуштањето во промет на лекот Золгенсма (zolgensma) од швајцарската фармацевтска компанија Новартис во мај оваа година, од којшто една доза чини 2,1 милиони долари. Лекот се зема еднократно, а цената го прави најскапиот медицински лек во светот.

Новиот лек за ‘рбетната (спинална) мускулна атрофија Золгенсма стана важен двигател на значително подобри деловни резултати во третиот квартал, објави неговиот производител, швајцарскиот фармацевтски гигант Новартис, објави Национална географија. Вкупниот приход на компанијата, благодарение на овој лек се зголеми за 10% во третиот квартал и изнесува 12,2 милијарди американски долари. Нето добивката се зголеми за 8% и достигна две милијарди американски долари.

Меѓу трите клучни двигатели на растот кај Новартис, се изделува токму Золгенсма – лек за генетска терапија за деца заболени од спинална мускулна атрофија, потоа Косентикс, лек за псоријаза и артритис и Ентресто, лек за хронично срцево заболување, пренесуваат медиумите. Засега најскапиот третман во светот со Золгенсма е одобрен само за деца кои се борат со оваа болест на возраст до две години и се дава со инфузија во вените на младите пациенти.

Студијата Strong има за цел да го поддржи своето проширено одобрување на овој лек и кај постарите деца, каде Новартис би се натпреварувал со лекот Спинраза на Биоген, кој веќе е на пазарот, и веќе истражуваниот Рисдиплам на Рош, којшто треба да побара одобрување оваа година. Во периодот помеѓу јули и септември, лекот Золгенсма донел приход од 160 милиони долари, наведуваат од Новартис, кои за прв пат објавуваат конкретни броеви.

Тие меѓу другото објавуваат дека половина од пациентите кои денес го користат Золгенсма претходно биле третирани со конкурентниот производ од американскиот Биоген. Овој лек се покажал какао успешен во САД, но сè уште чека одобрување од оние во Европската унија и Јапонија.