Битолската Млекара со донација за децата без родители

41

mlekara-564x272Битолска Млекара го одбележа Светскиот ден на млекото со хуманитарна акција. Млекарата  донираше 110 пакети производи за три дома за деца без родители, домот за доенчиња во Битола, домот за деца без родители 11-ти Октомври во Скопје и СОС детското село во Скопје.

Беа донирани повеќе од 1.300 килограми Битолско млеко со десет витамини, кое е неопходно за правилен раст и развој на децата.

Донацијата ја додели директорката за човечки ресурси од Битолска Млекара, Лидија Буревска, која додаде дека компанијата со задоволство ги реализира сите идеи чија цел е благосостојбата на децата.

„Секогаш е убаво кога имаме можност да подаруваме, да го споделиме она што го имаме со оние на кои што им е најпотребно. Витаминското млеко е првото трајно млеко во Македонија препорачано од здружението на педијатри, производ кој е дизајниран да одговори на потребите на децата за витамини и минерали неопходни за нивни правилен, здрав раст и развој. Оттука идејата за споделувањето на витаминското млеко со дечињата без родители ја прифативме со многу радост со оглед на фактот дека децата се во фокусот на општествено одговорните активности на Битолска Млекара. Компанијата како досега така и во иднина останува да биде посветен пријател на децата”, рече Буровска.

Донацијата на Битолската Млекара беше по повод Светскиот ден на млекото, кој започна да се одбележува од 2000-та година и е воспоставен од страна на Организацијата при Обединетите нации за земјоделство и храна со цел постојана промоција на здравиот начин на живот преку правилна и балансирана исхрана.