Станува збор за поим што се користи во маркетингот, чиј буквален превод значи надворешно или огласување на отворено. Оваа маркетинг алатка подразбира промовирање на одреден бренд, производ, услуга, новитет, настан… преку плакати, рекламни паноа, светлечки реклами, билборди.
Но, маркетарите одат уште еден чекор понапред, па сакајќи да го доближат она што го рекламираат до својата целна група, поставуваат реклами на возила, клупи, излози, автобуси и слично. Свесни дека купувачите поминуваат многу време надвор, на отворен, во сообраќајниот метеж, низ фреквентните улици, во централното градско подрачје… ја користат нивната мобилност и им ја испраќаат соодветната порака.
Без оглед на тоа каков вид на огласување на отворено ќе се користи, важно е на паметен начин по визуелен пат да се пренесе пораката и да се искомуницира со потенцијалните потрошувачи. Иако луѓето од сите страни се “бомбардирани“ со информации, огласи, реклами… сепак на овој начин треба да се оттргне вниманието и да им се остави добар впечаток.
Овој вид на огласување има повеќе предности, меѓу кои може да се издвојат: поголема видливост; едноставност, ефикасност, широка покриеност… Како недостатоци може да се наведе фактот што пораката не секогаш се испраќа само на таргетираната група, туку има поголем опсег на луѓе кои се (не)заинтересирани за она што го огласувате и нудите. Исто така, еден од недостатоците на outdoor advertising е тоа што има ограничена можност за комуникација, бидејќи потрошувачите кратко време се изложени на таков вид на пораки.
За да биде ефикасноста на огласувањето на отворено сведена на максимум, потребно е добро да се размисли како ќе се претстави и промовира производот или услугата.
Фото: Pexels