Конгломератот што го води најбогатиот човек во Азија, Мукеш Амбани, покрена онлајн услуга чија цел е да му конкурира на Amazon во Индија.
Компанијата Reliance Industries, којашто е предводена од Мукеш Амбани (14-ти најбогат човек во светот), соопшти дека ги повикува луѓето да се пријават за работа за испорака на намирници. Широката база на корисници на мобилни телефони ќе биде голема отскочна даска за работа за азиската компанија.
Притоа, пишува BBC, новиот потфат за е-трговија би можел да стане главен предизвик за постојните индиски интернет малопродажни гиганти.
Две подружници на деловната империја на Амбани, Reliance Retail и Reliance Jio, се главните двигатели на новата услуга, наречена JioMart. Она што оваа услуга ќе им понуди на корисниците е бесплатната и брза испорака на намирници од список, во којшто моментно има околу 50.000 артикли.
За разлика од своите конкуренти, JioMart ќе ги поврзе своите корисници и локалните продавници преку апликација. Индискиот пазар на прехранбени производи е во пораст и во моментов се проценува дека вреди околу 870 милиони долари годишно, а само 0,15% од населението користи вакви онлајн услуги.
Сепак, економските аналитичари предвидуваат дека овој сектор во Индија може да забележи годишна продажба од околу 14,5 милијарди американски долари до 2023 година.
На индискиот пазар за е-трговија моментално доминираат Amazon и Flipkart.
Фото: Pexels