Половните возила се многу поевтини за разлика од новите, па многумина од нас купуваат таков автомобил наместо да инвестираме поголема сума за ново возило од салон.
Но, пониската цена понекогаш може да “крие“ сериозни недостатоци на возилото. Пред да го купите автомобилот, потребно е добро да го погледнете, па и ако треба да го однесете во сервис за да се утврди неговата фактичка состојба. Поновите автомобили може да се стават на компјутер и да се утврди дали постои некаква грешка, пропуст или пропуштен сервис.
На прв поглед, проверете ја целата каросерија, дали негде има гребнатинки, дупки или за’рѓани делови. Ситните гребнатинки не претставуваат сериозен проблем, но ‘рѓосан дел од каросеријата може скапо да ве чини.
Ако е тазе лакиран автомобилот или пак се разликуваат нијансите на крилата и на вратите (можеби), тогаш тоа е знак дека можеби учествувал во судар или бил за’рѓан.
Како важен параметар за тоа дали можеби автомобилот имал сообраќајна несреќа се фабричките ознаки на стаклата. Ако немаат никакви ознаки или се различни, во тој случај ќе знаете дека се менувани.
Побарајте пробно возење на автомобилот, откако детално ќе го прегледате од внатре и од надвор. Нека трае 20-тина минута, па ако имате можност и на отворен пат за да може да развие поголема брзина и да се почувствува како работи моторот. Обрнете внимание на сопирачките, забрзувањето, дали некоја гума е лабава, па се чувствува тресе или на одредена брзина јавува некаков звук.
Ако сте решени да купувате половен автомобил, тогаш најпрво разгледајте дали имате некој познат што го продава своето возило. Побарајте препораки или овластени дилери за продажба на половни автомобили, бидејќи така ќе бидете сигурно дека иако купувате автомобил на старо, сепак е добро сочуван и одржуван.
Фото: Pexels