Соларна централа на местото на ТЕЦ Осломеј

267

На местото на некогашниот рудник за јаглен ТЕЦ Осломеј ќе започне изградба на нова соларна централа, којашто ќе испорачува електрична енергија за 20.000 семејства, стои во соопштението.

Инвестицијата, како што се наведува, којашто е конципирана како две електрани од по 50 мегавати, ќе биде по принципот јавно – приватно партнерство во којашто АД ЕСМ ќе биде јавниот партнер.

“Распишувањето на повикот за јавно приватно партнерство за изградба на соларна електрична централа, со моќност од 100 мегавати, е досега најзначајниот капацитет и наш придонес кон транзицијата кон еколошки чисти и без карбонски енергетски капацитети. Работите се во тек и во текот на втората половина на оваа година, оваа централа ќе започне со производство на струја што ќе ги задоволи потребите на 2.000 домаќинства“, рече премиерот Оливер Спасовски.

Според него, на местата кои некогаш биле извори на загадување, денес да “никнуваат“ капацитети за производство на чиста енергија.

Министерот за економија, Крешник Бектеши истакна дека со Законот за енергетика Владата воведува нов концепт за поддршка на политиките за инвестирање во обновливи извори на енергија преку премии, а воедно и преку јавно приватно партнерство.

“До пред две и пол години имавме производство на соларна електрична енергија од само 20 мегавати, а сега, ќе имаме инсталирана моќност од речиси 200 мегавати.  Ги повикам сите домашни и странски инвеститори да го разгледаат јавниот повик и да учествуваат на повикот за изградба на оваа голема фотонапонска централа“, рече Бектеши.

Директорот на Електрани на Северна Македонија, Васко Ковачевски информираше дека новата домашна инвестиција ќе се гради во кругот на РЕК Осломеј во Кичево.

“Јавниот повик кој е распишан вчера и ќе трае до осми мај, ги повикува сите фирми заинтересирани да градат ваков голем капацитет од сферата на обновливите извори на енергија. Нашата нова инвестиција, која всушност е конципирана како две електрани од по 50 мегавати, ќе биде по принципот на јавно – приватно партнерство, во која АД ЕСМ ќе биде јавниот партнер“, рече Ковачевски.

Градбата на електраните ќе биде целосно инвестиција на приватниот партнер, а проценката е дека нивната изградба ќе чини некаде до 80 милиони евра.

“Договорот за јавно приватно партнерство би бил во траење од 35 години, по што приватниот партнер е обврзан да го пренесе правото на сопственост на фотонапонските електрани и да му ги предаде во фактичко владение на јавниот партнер – АД ЕСМ, во исправна оперативна и погонска состојба“, истакна Ковачевски.

Директорот на АД ЕСМ најави дека на инвеститорот му ја отстапуваат локацијата, и други системски услуги и информации. За возврат, приватниот инвеститор ќе му исплаќа на ЕСМ годишно сума во висина од 10% од продадената електрична енергија по продажна цена според регионалната берза Хупекс.

Значаен дел од договорот ќе биде и тоа што приватниот инвеститор ќе треба да преземе 100 вработени од РЕК Осломеј, со што се решава и уште еден голем проблем во делот на термоелектраната.

Фото: Pexels