Десетте најбогати луѓе на светот имаат поголемо богатство одошто вредноста на бруто домашниот производ на 85 сиромашни држави заедно, покажуваат податоците на Learn Bonds.
Според податоците, нето богатството на најбогатите е позиционирано на 858,1 милијарди долари, додека според проценки на Меѓународниот монетарен фонд за 2019-та година, најсиромашните 85 земји во светот имаат БДП од 813,5 милијарди долари.
Најбогатите 10, меѓу кои најмногу се американски државјани, имаат кумулативно богатство што е поголемо од БДП на повеќе земји што се сметаат за економски сили во светот. Па така, и покрај тоа што важи за еден од водечките производители на нафта, БДП на Саудиска Арабија е нешто пониско од вкупното богатство на 10-те милијардери.
Исто така, кумулативното богатство на 10-те милијардери е двојно поголемо од БДП на Иран (458,5 милијарди долари), додека е повеќе од и БДП на Белгија – 517,6 милијарди долари.
Податоците, исто така, покажуваат дека ниту една држава во Африка нема поголем БДП од вкупното богатство на 10-те могули. На пример, Нигерија е земја со највисок БДП на целиот африкански континент од 446,5 милијарди долари или 47,9% помалку.
Според последните податоци од февруари оваа година, најбогат на планетата е основачот на Amazon, Џеф Безос. Неговото богатство се проценува над 123,5 милијарди долари што е најблиску до вредноста на БДП на Мароко од 119 милијарди долари и важи за 58-ма најбогата земја во светот.
Само едно место зад Мароко е Еквадор, чиј БДП изнесува 107,9 милијарди долари, што е за пет милијарди долари помалку од богатството со коешто располага основачот на Microsoft, Бил Гејтс. Поголемо богатство од БДП на Еквадор има и францускиот милијардер Бернард Арно. Тој и неговото семејство располагаат со богатство од 108 милијарди долари.
Фото: Pixabay