Која е мрачната тајна на онлајн трговците и големите брендови?

252

Едно складиште на Amazon за девет месеци во 2019-та година фрлило во отпад 293.000 парчиња вратена и неискористена стока. Во Канада годишно се враќаат купени производи во висина од 46 милијарди долари, од кои 30% завршуваат во “зоните за уништување“. Се проценува дека онлајн трговците во Франција секоја година на депониите фрлаат и уништуваат производи вредни 630 милиони евра, додека кај Германците тој износ достигнува седум милијарди долари.

Од таа причина, како што пишуваат странските медиуми, Франција е прва во светот што законот за забрана за фрлање храна го прошири на забрана за уништување текстил и други производи.

Преку Amazon купувате фустан којшто на интернет изгледа многу убаво, но кога ќе ви стигне пратката, сфаќате дека не ви одговара… Потоа, тоа го враќате во најголемата онлајн продавница во светот, што ќе ви ги врати парите, под услов производот да не е користен, пренесува Tportal.hr.

Што, потоа, прави Amazon со вратената стока? Таа завршува на отпад. На Amazon, Alibaba, како и на Zalando или Otto тоа им е поевтино одошто да плаќаат работници кои ќе го отвораат пакетите, ќе ги проверуваат производите, ќе ги поправаат или да испратат на рециклирање. Задолжително се уништува долната облека и средствата за лична хигиена поради можност за ширење зарази.

Онлајн продажбата во последните пет години е зголемена за 95%, а со нејзе расте и проблемот за уништување на целосно нова и неупотребувана стока. Според проценките на австрискиот, германскиот и швајцарскиот пазар, околу 70% од производите се препакуваат и повторно се продаваат, додека 30% завршуваат во сивата зона, што значи дека завршуваат на некоја депонија.

Освен онлајн трговците, ваквиот лош тренд го следат и модните брендови. Па така, пред некоја година во светот се рашири веста дека Burberry уништил облека, додатоци и козметика во вредност од 38 милиони долари. Модните брендови H&M и Zara, исто така, ги уништувале непродадените производи од модните колекции.

Фото: Pexels