Иновацијата не е врзана за напорна, туку за умна работа

663

Иновацијата не е врзана за напорна работа, туку пред сè за умна работа (Don’t work hard, do it smart). Исто така, за да бидеме успешни треба да ги следиме и да учиме и од позитивните примери и пракси од светот кои постојат и кои успешно го развиваат иновативниот екосистем (Lead by example). Ова, во интервју за Бизнис Инфо, го нагласува Драган Давитков од PwC.

Бизнис Инфо: Иако стартапите нудат уникатна вредност за економијата и станаа главна движечка сила за економски раст и развој, во Р. С. Македонија има едвај 130-тина стартапи. Бројките покажуваат дека земјава заостанува по бројот на стартапи споредено со земјите од регионот или ЕУ. Зошто е тоа така?

Старт – ап заедницата во Македонија е сè уште во фаза на развој. Во последните години посебно се зачестени иницијативите за активирање на овој екосистем и зголемување на неговата поддршка како што е и претстојната конференција. Но и покрај тоа, претприемачите се соочуваат со предизвици да преземаат поголеми ризици. Реалноста е дека иницијатива постои, но реализацијата сè уште изостанува. Со конференцијата Pitch. Match. Grow сакаме да им покажеме дека реализацијата е возможна и да ги охрабриме сегашните и идните претприемачи да направат чекор напред и да работат на исполнување на своите идеи.

Бизнис Инфо: Од каде доаѓа најголемата опасност за амбициозните компании? Од што стравуваат носителите на бизнис идеите (немаат храброст да ја споделат идејата, немање доволно финансиски средства, стравуваат од пазарен неуспех, зголемени трошоци и стручен кадар)?

Пристапот до капитал е еден од најголемите предизвици за амбициозните компании. Немањето доволно финансиски средства ги забавува процесите, го забавува времето на лансирање на нови продукти, вработувањето на потребниот персонал, го продолжува времето на тестирање и дополнително ги зголемува трошоците.

Во меѓувреме, потребите на пазарот постојано се менуваат, технологијата се унапредува и сето тоа претставува дополнителен предизвик за да се лансира успешен готов продукт. Живееме во време во кое мора да се реагира брзо и веднаш и затоа клучен момент за успех е брзата адаптација. Агилноста е нешто што многу често се спомнува како модел, но јас би рекол дека е потребно и многу повеќе од само агилност, а тоа е релевантно знаење и квалитетни информации.

Пристапот до знаење и обезбедување на know – how е клучно и затоа е пожелно при водење на бизнисот да се има поддршка од експерти во полето во кое работиме.

Бизнис Инфо: Дали инвеститорите ги гледаат македонските стартапи како вредни за инвестирање големи суми пари? За кои фази во развојот на стартапите, најмногу се заинтересирани високо квалитетни активни инвеститори?

Во глобалниот свет во кој живееме инвеститорите немаат националност, така да и не би сакал да дискутираме за македонски стартапи, туку за стартапи кои имаат сериозен продукт, сериозен план и потенцијал за раст и развој како дома, така и глобално. Само така ќе може да се привлече сериозен инвеститор за како што велите големи суми на пари.

Според нашите истражувања, инвеститорите кај нас најмногу се заинтересирани да инвестираат во таканаречената pre-seed и seed фазата на инвестирање, кои што се почетните фази за развој на еден старт – ап. Има индикации за зголемена заинтересираност и во подоцнежните фази, но ова е мал процент. Оваа статистика покажува дека нашиот пазар е сè уште во иницијална фаза на развој и дека навистина е потребна помош од сите релевантни страни за да се искористи потенцијалот во овој екосистем.

Бизнис Инфо: Голем дел од организациите за поддршка на стартувањето бизнис даваат поддршка во раната фаза на создавање идеја или тим, но стартапите што успеале да стигнат до комерцијален производ, потоа се борат да “преживеат“. Дали може тоа да се промени?

Статистички, во светот секоја година се отвораат 100 милиони бизниси односно три бизниси во секунда. Околу 90% од тие компании завршуваат со неуспех во првиот обид. Тој факт не можеме да го промениме, но можеме да им дадеме сила и да им ги зголемиме шансите за успех укажувајќи им за правилен пристап, план и адаптибилност кон потребите на пазарот. За старт – ап компаниите да “преживеат“ на пазарот потребни се многу услови и искуството покажува дека е потребен баланс помеѓу солиден менаџмент, соодветно знаење за продуктот и пазарот, но и силна страст за бизнисот и неговиот развој и секако малку среќа. Искрено се надевам дека овој настан ќе биде среќен за некој од стартапите кои ќе учествуваат. Ние како PwC направивме многу за ова да се реализира.

Во таа насока, за да им поддржиме стартапите во нивниот развој, PwC моментално креираме програма која е исклучително фокусирана кон стартапите и нивните потреби поврзани со консалтинг, правни и даночни услуги. Со неколку старт – ап компании веќе интензивно успешно соработуваме во овие области. Сите овие услуги се создадени да се финансиски достапни. Огромна предноста на PwC е што сите овие услуги ги нудиме на едно место во нашата канцеларија во Скопје.

Бизнис Инфо: Сите сакаме да живееме во иновативни економии кои носат подобар животен стандард. Како стартапите да напредуваат и да создаваат вредности што ќе им користат на сите?

Имањето квалитетна идеја е само почетниот чекор во приказната за креирање на успешен старт – ап. За да можат да напредуваат и да создаваат вредности кои што ќе му бидат корисни за општеството, стартапите мора да поминат низ циклус којшто почнува од истражување на пазарот дали има простор и потенцијална побарувачка на пазарот за иновативниот производ. Доколку одговорот е позитивен, наредниот чекор е создавање на бизнис план чијашто цел е да ги спреми за продажба и конкурентска предност на пазарот. Добро спакуваниот продукт, би требало полесно да обезбеди пристап до финансирање од различни типови на инвеститори. Живееме во свет којшто секојдневно се менува и стартапите мора да се адаптираат на новите трендови и движења. Нивната бизнис идеја, бизнис план и организациска поставеност треба постојано да еволуира за да може да ја задоволат вистинската потреба на пазарот и инвеститорите.

Бизнис Инфо: За крај ваше мислење за македонската економија. Што треба да се направи за да се зголеми иновативниот капацитет на македонската економија?

Ова е многу комплексно прашање кое што допира многу социјални и општествени теми и бара многу поопсежни дискусии. Јас ќе се обидам да бидам практичен и ќе кажам дека иновацијата не е врзана за напорна работа, туку пред сè за умна работа (Don’t work hard, do it smart). Исто така, за да бидеме успешни треба да ги следиме и да учиме и од позитивните примери и пракси од светот кои постојат и кои успешно го развиваат иновативниот екосистем (Lead by example).