Во Германија од први март стапи на сила новиот закон за доселување на стручна работна сила, којшто треба да го олесни доаѓањето на квалификувани работници од земјите коишто не се членки на ЕУ и да го ублажи сериозниот проблем со недостаток на работници со којшто се соочува германската економија.
Според новиот закон, на работниците кои доаѓаат земји кои не се членки на ЕУ, во Германија ќе им бидат достапни сите работи за кои се квалификувани, а не само оние кои германските институции ги прогласиле за дефицитарни и за кои не постојат кандидати од Германија или земјите од ЕУ, како што тоа беше случај досега.
Новина е тоа што на стручните работници, под одредени услови ќе им биде овозможено подолго време да престојуваат во Германија во потрага по работа.
Барајќи работа ќе имаат право и евентуалниот недостаток на практично искуство да го надоместат со доквалификација преку пракса кај германски работодавач. Услов ќе биде надлежните установи да ја потврдат дипломата на странскиот работник и да докаже дека го знае германскиот јазик. Ако претходно не склопил договор за работно место, странецот ќе мора да докаже дека има доволно пари за да се издржува додека бара работа.
Признание за квалификација заинтересираните ќе мора да побараат од надлежните германски институции пред патувањето, што ќе може да го направат преку германските амбасади.
Во поглед на јазикот, се очекува напредно знаење кое одговара на ниво В1 (коешто претставува способност да се учествува во разговор за познати теми или за работа, разбирање на емисии на радио или телевизија).
На квалификуваните работници и практиканти кои бараат работа ќе им биде овозможен престој до шест месеци, при што практикантите ќе мора да достават соодветна школска диплома и не смеат да се постари од 25 години.
Од друга страна, со новиот закон се заострени условите за странските државјани постари од 45 години. Тие за да стекнат работна и дозвола за престој ќе мора да докажат дека во Германија ќе заработуваат најмалку 3.685 евра бруто или дека веќе стекнале пензија или поседуваат извори да ги задоволат основните животни трошоци, за во староста да не бидат на товар на државата.
Ако во Германија доаѓате со семејството ќе мора да приложите доказ дека можете да го издржувате и дека имате доволно голем стан. Тоа значи околу 950 евра по личност и 10 до 12 метри квадратни простор. Децата до две години не се сметаат, а сопружник и деца постари од 16 години, ќе мора да поседуваат основно знаење на германски јазик ниво А1.
Фото: Pixabay