Хакатон претставува повеќечасовен настан посветен на кодирање и тимско создавање на софтверско или хардверско решение. Нивната главна цел е споделување на знаење и искуство, создавање на нови вештини и поврзување со професионалци. Преку хакатонот, се зајакнуваат врските во заедницата, активно се вклучува во решавање на предизвиците, а на самите учесници им нуди и прилика да научат нешто ново, да запознаат нови луѓе и да го зајакнат своето искуство.
Неговиот назив доаѓа од зборовите хакирање и маратон. Најчесто, на хакатоните се собираат луѓе кои имаат задача да решат конкретен проблем или предизвик. На располагање им се става соодветен простор и време за да можат да стигнат до решението.
Овој вид на креативно решавање на проблемите, преку контиунирана работа, не мора секогаш да вклучува технологија, но најчесто е еден од примарните фактори за да се стигне до посакуваниот резултат.
Хакатонот е одлична можност за да се поттикнат иновации во одредена област, со помош на ресурси што стојат на располагање. Се смета дека оптималниот број на учесници што можат да дадат свој придонес во целиот процес е околу 40. Доколку се вклучат над 100 учесници, треба да се има предвид дека тоа може да биде премногу комплицирано за управување, но и ќе значи ангажирање на повеќе ресурси и поголеми трошоци.
Најчесто учесниците се делат во повеќе групи, се организираат и студиозно му пристапуваат на проблемот или предизвикот што е пред нив.
Се верува дека организирањето на квалитетен хакатон значи и многу пари, бидејќи треба да се обезбеди простор, храна и награди за учесниците. Професионалните хакатони, на коишто учествуваат 50-тина лица, чинат околу 10.000 евра.
На крајот, важно е да се дефинира која е целта на хакатонот, што се бара од учесниците, како ќе се спроведува целиот процес и како да се стигне до крајниот резултат.
Фото: Pexels