Повеќе од 6,7 милиони луѓе во Европската унија се на менаџерски позиции. Од нив 4,3 милиони се мажи (63% од вкупниот број на менаџери) и 2,5 милиони жени (37%).
Европската статистика покажува дека 28% од менаџерските позиции во компании што котираат на берза им припаѓаат на жени, додека само 18% од високите извршни функции лани биле во рацете на жени. Со други зборови, иако половина од вработените во ЕУ се жени, сепак нивната застапеност на раководни позиции е далеку пониска.
Меѓу земјите во ЕУ, Латвија е лидер по број на жени на менаџерски позиции (53%). Потоа следуваат: Бугарија (49%), Полска (48%), Естонија (46%), Словенија (44%), Литванија, Унгарија и Шведска (по 42%), Ирска (41%) и Португалија (40%).
Од друга страна, најмала застапеност на жени менаџери има во: Кипар (19%), Луксембург (23%), Данска (27%), Италија (28%), Холандија (29%), Чешка и Германија (по 31%), како и Грција, Хрватска, Малта и Австрија (по 32%).
Според податоците, во Македонија 36% од менаџерите се жени, 17% се членови на одбори на директори, додека нај извршни директорски позиции има 28%.
Романија е земја од ЕУ со најголем процент на жени вклучени на највисоките раководни позиции во компаниите (34%). Потоа следуваат: Естонија (33%), Литванија (30%), Латвија (29%), Бугарија и Словенија (по 27%) и Шведска (24%).
Од друга страна, најмал процент на жени поставени на највисоки менаџерски позиции има во: Луксембург (6%), Австрија (8%), Чешка (11%), Хрватска и Италија (по 12%), Белгија и Словачка (по 13%), Германија и Полска (по 14%), како и Холандија и Португалија (по 15%).
На ниво на ЕУ, помалку од една петтина од извршните директори се жени.
Фото: Pixabay