Ситуацијата што настана со ширењето на коронавирусот наштети на многу бизниси ширум светот, но им “помогна“ на некои компании, а една од најочигледните добитници e компанијата Zoom Video Communications чијашто апликација стана една од најпреземените за само неколку недели, а вредноста на акциите им расте.
Компанијата има една од најчесто користените апликации во светот во моментов – програма којашто е лесна за употреба, а како да е создадена за светот кој се најде во карантин, имајќи во предвид дека овозможува виртуелни состаноци и конференции кои одеднаш стана де од нашето секојдневие.
Само овој месец имало 183 % повеќе преземања на апликацијата Zoom од просечното, а со огромно зголемување на бројот на нови корисници се очекува да добијат дополнителни 337 милиони долари оваа година. Zoom во 2011 година ја основа Ерик Јуан, поранeшен инженер на Cisco System, а станува збор за компанија која нуди услуги за видео конференции.
“Луѓето сфатија преку ноќ колку им е потребна платформа како оваа. Коронавирусот драматично ќе ги промени нашите животи и во иднина сè повеќе компании ќе користат видео за соработка и состаноци“, вели Јуан.
Не е изненадувачки фактот што акциите на Zoom, кои котираат на берзата од минатиот април, се во постојан раст. Тогаш, нивната цена беше 65 долари по акција, додека сега изнесува 159,65 долари. Треба да се има предвид дека од почетокот на оваа година цената на акциите на компанијата скокна за 130 %. Само во понеделникот скокна за 22%, а во изминатите шест дена 40%.
Фото: Pixabay