Одобрени апликациите на 117 компании со преку 3.000 вработени од Ковид 2 програмата

66

Владата на 57-та седница донесе одлука со која од денеска, 27 мај, целосно престанува важењето на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија.

На оваа седница донесена е и одлука според која од четврток, 28 мај, отпочнуваат со работа на угостителските објекти во Република Северна Македонија со прецизно утврден соодветен протокол за нивна работа во отворените делови, односно терасите на овие објекти, а работата во затворените делови и во објектите кои немаат тераси, ќе се регулира во наредната фаза;

Владата на оваа своја седница донесе одлука од 1 јуни 2020 година, да престанат да важат заклучоците на Владата со кои различни категории вработени лица се ослободени по различни основи од редовно и тековно извршување на работните активности, како што се упатување за работа од дома, патување за работа кон градот Скопје, организирање на работниот процес со ротации и другите слични мерки и препораки.

Владата заклучи дека оваа одлука ќе биде придружена со соодветен протокол за работа, дејствување и однесување на работно место кој се однесува на просторните услови, физичкото растојание во работните и другите простории, носењето лична заштитна опрема и така натаму;

Ова не важи за хроничните болни, а како дополнителен заклучок Владата денеска утврди дека отстапка од оваа одлука се и родителите кои имаат деца на возраст до 10 години или деца на претшколска возраст, за кои ќе се чека одлуката за отпочнување на работата на градинките.

Владата го усвои протоколот за постапување при влез на сите лица македонски државјани во земјата. Согласно овој протокол задолжителниот државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија кои се враќаат од странство со хуманитарни летови или конвои, се заменува со домашна изолација доколку лицата кои влегуваат на територијата на Република Северна Македонија приложат негативен ПЦР тест за коронавирусот КОВИД-19 направен во последните 72 часа пред да влезат на територијата на Република Северна Македонија.

Согласно одлуката на Владата, сите лица кои се спроведени во објектите за државен карантин, на свој трошок, можат да направат ПЦР тест во објектот во кој се сместени и доколку имаат негативен резултат да бидат упатени во домашна самоизолација.

На оваа седница, на предлог на Министерството за надворешни работи, во соработка со Комисијата за заразни болести, е усвоен протокол за странски дипломати акредитирани во земјата и членови на нивните семејства, кои доколку приложат медицинска потврда за негативен ПЦР тест направен во последните 72 часа пред влез во Република Северна Македонија, ќе можат непречено и тековно да ја извршува својата работа, без упатување во домашна самоизолација.

Освен овие одлуки, на седницата на Владата ги задолжи Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство да направи јасна и прецизна проценка за отворање на државните граници, како и да подготват соодветни протоколи за влез и излез на и од територија на Република Северна Македонија.

Беше заклучено дека оваа одлука ќе се донесе врз основа на заедничката координација со земјите од регионот со кои е воспоставена одлична комуникација која најавува дека многу бргу патувањето во регионот ќе биде регулирано во интерес на граѓаните на сите земји.

Второто задолжение од Владата до Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, е да подготви соодветни протоколи за работа на хотелите, односно за начинот на работа со посетители и за работата во простории на хотелите.

Владата ја усвои Информацијата за барањата кои ги исполнуваат критериумите од Јавниот повик бр.1 за кредити од Кредитната линија од Компензационите фондови од странска помош со цел намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19, и го потврди предлогот на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје со кој на 117 компании кои вработуваат 3.001 лица, им се одобрени кредити во вкупен износ од 2 милиони евра.

Од овие 117 апликанти – 58 или 50% се компании до 10 вработени, 43 или 37% се компании до 50 вработени и 16 или 14% се компании до 250 вработени.

Владата ја донесе Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на филмските работници за време на вонредна состојба, како и Уредба со законска сила за финансиска поддршка на уметници и други физички лица кои вршат дејности и други активности во областа на културата за време на вонредна состојба за исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во месечен нето износ од 14.500 денари.

Донесена и Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност за време на вонредна состојба, согласно која на невработено лице, на кое работниот однос му престанал во периодот од 11 март 2020 година до 30 април 2020 година, независно од времето поминато во работен однос, може да оствари право на паричен надоместок во висина од 50% од месечна нето плата на работникот исплатена за последниот месец, но не повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во Република Северна Македонија, објавена за последниот месец. Овој надомест се исплатува во случај кога работниот однос му престанал со давање на писмена изјава од страна на работникот, кога спогодбено му престанал работниот однос или кога работниот однос му престанал со отказ од страна на работодавачот, за времетраење од два месеци, сметано од престанокот на работниот однос.

Со донесување на Уредбата ќе се обезбеди материјално обезбедување и на невработени лица на кои работниот однос им престанал не по нивна вина и волја.

Владата ја разгледа и усвои информацијата со Правилник за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за технолошки развој за надминување на последиците од КОВИД-19, со кој се воведува нов механизам за поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија во Република Северна Македонија.

Поддршката ќе се реализира преку Јавен конкурс со траење 15 до 30 дена, наменет за микро, мали и средни претпријатија, а финансиската поддршка е структурирана според големината на претпријатието, и тоа: до 0,75 милиони денари за микро, 1,5 милиони за мало и не повеќе од три милиони денари за средно претпријатие, со обезбедено сопствено учество што не може да биде помало од 30% од вкупниот буџет на проектот.

За Правилникот обезбедена е согласност од Светската банка, како финансиски партнер во реализација во рамки на Проектот за развој на вештини и поддршка на иновации.

Владата на Република Северна Mакедонија ја разгледа и ја усвои Информација за зголемување на фискалната транспарентност поврзана со кризата КОВИД-19, која произлезе од зголемениот број на интервентни и итни јавни набавки, воспоставување на фондови за донации од правни и физички лица од земјата и од странство и користење на средства од меѓународни извори за справување со последиците од кризата КОВИД-19. Целта е јавноста да биде информирана за приходната и расходната страна на средствата кои се слеваат во Буџетот на РСМ, како и евиденција на сите нефинансиски донации добиени како помош, а се наменети за справување со кризата КОВИД-19.

Реализацијата на фискалната транспарентност ќе се оствари со преземање на низа мерки како што се надградба на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) што ќе овозможи обележување на јавните набавки поврзани со кризната состојба за пандемијата, надградба на порталот Отворени финансии со делот КОВИД-19, и со дополнување на веб-страницата koronavirus.gov.mk за објавување на податоци поврзани со фискална транспарентност со кризата КОВИД-19, на кои освен податоците добиени од ЕСЈН и податоци од порталот Отворени финансии, ќе се објавуваат и останати податоци кои не се достапни на овие електронски системи.

Фото: Freepik