Со измена на одлуката за привремена забрана за преминување на границата, Хрватска ќе им дозволи на граѓаните на Словенија, Унгарија, Австрија, Чешка, Словачка, Естонија, Литванија, Латвија, Германија и Полска да влезат во земјата соопшти премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ.
“Според нашата анализа, епидемиолошки компаративни слики, ова се земји каде што има или сличен напредок како во Хрватска или трендовите се такви што можеме да донесеме таква одлука и да овозможиме со соодветни епидемиолошки препораки и специјална апликација што е веќе направена, доаѓање на граѓани од овие земји“, рече Пленковиќ.
Како што ќе се подобрува ситуацијата, вели тој, целната група на земји што можат да дојдат во Хрватска ќе се прошири.
Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ ги повика странските државјани да го пополнат образецот за најавување за влез во Хрватска на веб-страницата entercroatia.mup.hr, која е во функција од денес, со цел да се намали времето на чекање на граничните премини.
При влегувањето во земјата, на лицата ќе им биде побарано да го наведат престојот, електронска пошта и телефонскиот број, поради евентуална потреба за контактирање од епидемиолошки причини.
Фото: Pixabay