Пазарните инспекциски контроли од денеска засилени со финансиска полиција

156
Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната редовна прес-конференција информираше за инспекциските надзори направени од страна на шест инспекторати во периодот од 4-9 јуни, а кои се однесуваат на мерките и препораките за заштита од КОВИД-19.
Филиповска-Грашкоска потсети дека Владата на Република Северна Македонија на 63-та седница во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19, одржана пред два дена, на 9 јуни, заклучи да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја на градот Скопје и општините во градот Скопје, потоа во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовски општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани.

“Тоа значи дека инспекциските служби имаат и ќе продолжат со интензивни активности во овие најпогодени подрачја, но исто така нема да се занемарат и сите други населени места, општини и градови. Многу е важно стопанствениците максимално да ги почитуваат донесените протоколи за работа, а уште поважна е свесноста на граѓаните кои исто така треба да реагираат во случај на детектирање на непочитување на протоколите на правните лица, но и да ги применуваат мерките за самозаштита: носење на маска и евентуално ракавици, држење на дистанца од 1,5 до 2 метри, како и редуцирање на непотребни социјални контакти”, кажа Фипиповска-Грашкоска.

Таа рече дека во овие денови реализирани се вкупно 4.194 вонредни инспекциски надзори, во врска со одлуките на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот. Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, извршија  3.154 контроли, од кои најголемиот број односно 2.574 се инспекции поврзани со почитување на протоколите за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна, додека останатите се однесуваат на проверка на почитувањето на уредбата за замрзнатите цени на определени производи и поставување ред и дисциплина при влез и во внатрешноста на објектите.

“Од специфичните наоди при извршените контроли во трговски објекти на големо и мало, угостителски објекти, бензински станици, банки, пошти и обложувалници, инспекторите детектирале вкупно 15 прекршувања на протоколите за отворање и работа на угостители, за што се предложени и соодветни кривични санкции за четири објекти во Струмица и Дојран, за четири објекти во Охрид, два објекти во Гостивар, по еден објект во Битола, Струга, Пониква, Маврово и Прилеп. Воедно констатирани се и вкупно 20 прекршоци во трговија за непочитување на одлуките за лична заштита и ред или за прекршување на уредбата за замрзнати цени, при што е укажано на правните лица и веднаш постапено”, посочи претседателката на Инспекцискиот совет.Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, додаде дека од денеска, во засилена контрола на почитувањето на протоколите од страна на кафетериите и угостителските објекти, на инспекторите од ДПИ, ќе се придружат и инспектори од финансиската полиција, кои имаат право да легитимираат лица, кои подоцна би можеле да бидат и сведоци во поведени кривични постапки во случај на прекршување на протоколите.

“Државниот инспекторат за труд, реализираше вкупно 586 контроли кај работодавачи, во коишто се вработени вкупно околу 8.300 лица. За периодот од 4 – 9 јуни од страна на овој инспекторат донесени се 11 решенија и 35 укажувања на работодавачите за носење заштитни маски, заштитни ракавици, користење средства за дезинфекција, проветрување, ослободување на вработените од ризичните групи.  При контролите утврдено е дека работодавачите согласно препораките од работните задачи имаат ослободено над 120 лица по основ на грижа за деца под 10 години, околу 40 лица по основ на хронична болест и 35 бремени жени”, кажа Филиповска-Грашкоска.

Претседателката на Инспекцискиот совет ги презентираше и наодите од инспекциските надзори извршени од Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за транспорт и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД.

“Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од овие седум дена спроведе вкупно 167 надзори, притоа е издаден еден платен налог поради пуштање во промет брашно без извршена претходна анализа, донесени се вкупно 10 решенија за подобрување на хигиената во објектите и спроведување на мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, како и 14 казнени мерки едукации поради тоа што не се воспоставени и имплементирани процедури за добра хигиенска пракса, лоша општа хигиена во објектите и за нередовно водење на записи за дезинфекција и следење на температура во разладни уреди. Државниот инспекторат за транспорт во периодот од 4-9 јуни, направи вкупно 151 надзор, при што забележа вкупно 17 прекршувања на уредбите и протоколите и тоа 12 прекршувања кај посебен меѓуопштински линиски превоз кој се врши за вработените во правни лица во општина Штип и уште четири прекршувања кај посебен меѓуопштински линиски превоз кој се врши за вработените во правни лица во Миладиновце, како и еден прекршок кај посебен меѓуопштински линиски превоз кој се врши за вработените во правни лица во Велес. Државниот здравствен и санитарен инспекторат, спроведе вкупно 110 надзори во субјекти во нивна надлежност. Исто така, во овој период од ДСЗИ се издадени 173 дозволи на транспортери професионални возачи, а во овие неколку дена ДСЗИ издаде и 560 решенија  за лица кои го напуштиле државниот  карантин ( со негативен PCR тест) и се упатени во  домашна изолација, што е значително олеснување за нашите граѓани. Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД во периодот од овие седум дена изврши вкупно 26 контроли”, посочи Филиповска-Грашкоска.

Таа нагласи дека инспекциските служби ќе продолжат да функционираат со полн капацитет за заштита на населението од ширење на овој опасен вирус, но и за заштита на правата на секој граѓанин.

“Јас сакам да верувам дека стопанствениците и граѓаните ги почитуваат и ќе продолжат да ги почитуваат донесените мерки, но верувајте доколку се утврдат недоследности во спроведувањето на мерките, сакам да потенцирам дека инспекторите ќе бидат строги во контролите и ќе следуваат соодветна санкција за сите што ќе се осмелат да ги прекршат”, заврши претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска.