Грција до 31 јули оваа година го продолжи привременото ограничување на сите авионски, железнички и копнени поврзувања со Северна Македонија, како и забраната за влез на грчка територија на лица од земјава, јави дописничката на МИА од Атина.
Ограничувањата се “од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19 на грчка територија за временскиот период од 16 јули 2020 година до 31 јули 2020 година”.
Одлуката потпишана од министрите за здравство, за транспорт и инфраструктура и за поморство, а се однесува на Македонија, на Албанија и на Турција, вчера беше објавена во Службен весник на Грција, а денеска стапува во сила.
Забраната не се однесува на: грчки државјани, на лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, како и за транспорт на стоки, за влез на лица за апсолутно неопходни професионални причини, но и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.
Фото: Freepik