Во текот на 2018 година, 57,5% од жителите на Македонија не можеле да си дозволат една недела одмор надвор од својот дом, покажуваат податоците на Eurostat.
Една година претходно (2017 година), 61,2% од Македонците не можеле да си дозволат одмор, додека во 2010 година дури 74,2% не можеле да си дозволат да заминат некаде на одмор на една недела.
Според Eurostat, во 2019 година, 29% од жителите на земјите членки на Европската унија, на возраст од над 16 години, не биле во можност да си дозволат да платат една недела одмор надвор од својот дом. Овој процент бележи намалување од 2010 година, кога 39% од жителите на ЕУ не биле во можност да заминат некаде на одмор.
Меѓу земјите членки на Унијата, Романија има највисок процент (54%) на жители кои не можат да си дозволат една недела одмор. По нив следуваат: Грција (49%), Хрватска (48%), Кипар (45%) и Италија (44%).
Од друга страна, само 10% од жителите на Шведска немале можност да си дозволат една недела годишно да заминат на одмор. По Шведска следат: Данска и Луксембург (по 11%), Финска (12%), Германија и Австрија (по 13%).
Фото: Freepik











