Кој е Емил Тедески?

1008

Емил Тедески е хрватски претприемач, сопственик и основач на Atlantic Group. Важи за еден од најбогатите и најуспешни луѓе не само во Хрватска, туку и пошироко во регионот. Тој е роден на шести април 1967 година во Сплит.

Семејството на Тедески е по потекло од Венеција, а неговиот татко Светозар завршил правни студии во Сплит, каде што бил член на комунистичката партија до 1974 година, а неговата мајка била судија на Корчула. До свои 10 години, Емил живеел на овој остров, а потоа со семејството се преселил во Загреб, каде заврши правен факултет.

Во 1989 година, Емил почнува да работи во компанијата на неговиот татко што се наоѓа во Трст, по што ја продолжил кариерата во Италија, Германија и Велика Британија. Во тоа време добил и менаџерски договор во Meteor Paper, тогаш најпозната европска компанија за трговија со хартија и целулоза.

Потоа се вратил во Загреб за да отвори филијала од оваа компанија, но бидејќи за кратко време била ликвидирана, Емил останал без работи. Тогаш, заедно со своите соработници на основале Atlantic Group во која биле вработени шест лица. Прво биле формирани две компании Atlantic Paper; што се занамавала со увоз индустриска хартија и Atlantic Trade; што се занимавал со дистрибуција. Потоа, Емил решил да излезе од бизнисот со хартија и да се фокусира на развој на компанија за дистрибуција на производи за широка потрошувачка. Првиот чекор го направил со гумите за џвакање Wrigley и чоколадите Ferrero, а потоа почнал да го шири асортиманот.

Емил направил чекор и во медиумскиот бизнис, основајќи го весникот Нови Данас, кој излегол само во осум броја, по што бил затворен. На вработените, како што се наведува, им платил шестмесечен хонорар иако тие работеле само два месеца.

Во една прилика, Емил на предавање на студенти на Харвард рекол дека неговата компанија денес вреди многу повеќе затоа што имал храброст да вработи луѓе кои се подобри, попаметни и похрабри од него.

Освен што е еден од најбогатите и најуспешни претприемачи во Хрватска, Емил ужива во пуштање музика на забави, а изјавил дека најмногу сака времето да го поминува со семејството и пријателите, како и на патувања.

Фото: Atlantic group