Емил Тедески: Имав храброст да вработам луѓе подобри од мене

53

YL6S4100x

“Не е лесно да се признае дека постои некој попаметен, но и тоа е одлика на вистински бизнисмен. Атлантик Група денес вреди неспоредливо повеќе затоа што имав храброст да вработам луѓе подобри од мене, луѓе кои се попаметни и похрабри. Да не го сторев тоа, фирмата што ја водам ќе останеше заглавена некаде во минатиот век”, им се обрати Емил Тедески, основач и мнозински сопственик на хрватската Атлантик Група, на студентите на Харвард, на тема лично искуство во создавање мултинационална компанија во источна Европа.

Тедески на Harvard Business School беше на покана на факултетот, којшто во јуни годинава објави case study, односно студија за преземање на словенечка Дрога Колинска од страна на Атлантик Група пред пет години, пишува Јутарњи лист.

Тој на студентите им кажа дека од 2001 година направиле преку 30 аквизиции и посебно истакна дека оваа активност е многу предизвикувачка и се состои од три чекори – снимање на состојбата во која се наоѓа компанијата, преговори за преземање и интеграција на компаниите што се споиле. Но, поради тоа што најмалку внимание се обрнува на процесите по спојувањата, седум од десет преземања пропаѓаат.

Според Тедески, клучно прашање е како да се мотивирате за нов успех по веќе постигнат успех. За да се создаде нешто, потребно е да се излезе од зоната на комоција.

“Често ги прашувам своите менаџери, најпаметните луѓе во фирмата, колку време минуваат пред празна хартија или монитор? Пет, десет минути или нула – затоа што сте затрупани со мејлови. Тоа нема да ни донесе напредок, нешто ново. Ние претприемачите мораме да бидеме како уметници пред празен лист хартија или музичари пред нова песна”, вели Тедески и додава дека е важно да се почитуваш себе, да ги почитуваш другите и да прифатиш дека некој кој е различен може да ти помогне да се надградиш.