Француските производители на шампањ се договорија пред почетокот на бербата дека годинава ќе наберат помалку грозје и со тоа ќе го намалат производството за да ги одржат цените кои се најдоа на удар на корона кризата.
Производителите со недели се расправаа за обемот на производството, при што Union des Maisons de Champagne (UMC), застапник на интересите на големите производители, побара да се намали бербата и производството за 40% со цел да се одржи нивото на цените.
Податоците од здружението на производители на шампањ CIVC покажуваат дека во подрумите имаат повеќе од милијарда шишиња од тој пијалак, што претставува потенцијална продажба за неколку години .
Од CIVC проценуваат дека годинава нема да продадат 100 милиони шишиња шампањ, а приходите се очекува да се намалат за повеќе од 1,7 милијарди евра.
Помалите производители, пак, побараа поскромно намалување на бербата и производството за да се искористи родот на виновите лози. На крајот се договорија дека ќе се наберат осум тони грозје по хектар, што е речиси 22% помалку отколку лани. Бербата годинава почна порано поради топлото и суво време.
Фото: Freepik